Каматната стапка е симната на нула, се печатат нови пари, се укинуваат ограничувања на финансиските пазари, а Конгресот до сега изгласа три пакета за помош од кои последниот беше над 2000 милијарди долари.
„И сето ова може да не е доволно. Федералните резерви знаат дека тоа може да не е доволно. Конгресот знае дека тоа може да не е доволно,“ пишува Ени Лоури во текстот за Атлантик.
Нејзиниот предлог е „фрлање пари од хеликоптер“, фраза што ја користи Милтон Фридман во еден свој есеј, што најпоедноставено во пракса значи „централната банка да создаде пари, а Конгресот да ги троши“.
Признавајќи дека сето ова звучи малку „зимбабвевски“, Лоури потсетува дека голем број финансиски и монетарни авторитети во моментов сметаат дека тоа е единствената опција што и останува на Владата имајќи предвид дека се работи за екстремни околности. По зборовите на главниот економист на Грант Тортон „ова е како метеор да ја изместил Земјата од оска“.
Мерките со кои располагаат Федералните резерви многу повеќе се насочени кон Вол стрит отколку кон обичниот граѓанин. Затоа предлогот и „најхрабрата опција“ е Конгресот да и одобри на Централната банка да почне да испраќа чекови или директни уплати на сметките на граѓаните, а во исто време Конгресот да продолжи да троши пари на најразлични проекти.
„Ваквата координација секако доаѓа со сопствени ризици. Меѓутоа веројатноста дека САД ќе станат Зимбабве или Венецуела секако не е голема во моментов. За тоа да се случи инвеститорите би требало да го напуштат доларот, што изгледа малку веројатно. А Федералните резерви можат да го контролираат секој вишок инфлација што би можел да се појави...
... Најголемиот ризик од се е дека оваа привремена, неизбежна рецесија ќе доведе до банкроти, неликвидност, иселувања и губење работни места, предизвикувајќи рецесија со која тешко ќе се справиме и перманентна економска штета.
Имајќи го предвид ризикот, фрлањето пари од хеликоптер и не изгледа како толку лоша идеја,“ пишува Лоури.