Штедење или досадната тајна како секогаш да имаш пари

Целото знаење и искуство на темата богатење што имаат да го понудат од магазинот Тајм се сведува на една крајно ефикасна, и подеднакво антиклимаксна формула: живеј под можностите. И толку.

Пропорцијата на успех на методот што го предлагаат е еднаква на пропорцијата на парите што си ги заработил и што си ги потрошил. Колку повеќе си заработил од што си потрошил „толку побрзо ќе најдеш доволно пари за да правиш што сакаш со својот живот.“

Самата авторка признава дека тоа што ваквиот метод е очигледен, не значи дека е лесен, „а и најголемиот дел од луѓето што ги гледате дека живеат во големи куќи и возат скапи автомобили се до врат во долгови, што значи дека го прекршуваат основниот принцип.“

“Тие воопшто не се богати. Тие се задолжени.

Предизвикот е да се сфати дека нема да можеш да собереш значително богатство ако се обидеш да ги стигнеш тие луѓе. Вистинското богатство доаѓа од трошење помалку отколку што заработуваш, повторно и повторно, месец за месец, година за година.

Тоа е бавен и сигурен процес. И не е посебно возбудлив,“ објаснува Кетрин Холи во текстот за Тајм.

Таа дава 4 практични совети за да ја постигнеш оваа цел, а да не ти се одмили штедењето:

- Намалување на големите месечни сметки. Пример голема претплата за мобилен или скап ТВ сервис, и искористување на предностите што ни ги овозможува технологијата (стримови, филмови и слично).

- Автоматизирање на префрлањето пари од плата на одделна сметка за штедење на почетокот на секој месец. И да не се подаваш по резервата. Ова те присилува да живееш со помалку пари.

- Зголемувај ја стапката на штедење по 1% на секои шест месеци. Ти лично нема да забележиш, а со тек на време ќе направи разлика.

- 50% од секое покачување на платата веднаш додади го на месечната сума за штедење. Со ова ем имаш покачување и подобрување на животниот стил, ем ќе го засилиш штедењето без да почувствуваш дека делиш од приходите.

„Клучно за ова е редефинирање на тоа што значи да бидеш богат. Ако ти треба голема куќа и скап автомобил за да се ’чувствуваш’ богат, тогаш овој совет нема да ти врши работа. Ама ако изобилието го дефинираш како способност за минување време со пријатели и семејство, за патувања, за работење на она што го сакаш и да престанеш да се грижиш за пари, тогаш се што треба е да живееш под своите можности,“ пишува Холи.

6 јули 2018 - 15:55