Некогаш најбогатиот бизнисмен во Кина, Џек Ма, изминативе шест месеци живее во Токио, додека Пекинг продолжува со притисокот врз технолошкиот сектор на земјата и неговите најмоќни претставници.
Ма е во дефанзива и се повлече од јавниот живот откако пред две години реши јавно да ги критикува кинеските регулатори, и ги обвини државните банки дека имаат „менталитет на дуќани за заложување“.
Како го кажа ова, тој не се појавуваше во јавност а некое време целосно не се знаеше каде е, додека двете компании што ги основаше, финансиската Ант и е-продавницата Алибаба, се соочија со регулаторни пречки.
Исходот од ова е државна блокада на 37 милијарди долари вредното излегување на Ант на берза, и казна за АлиБаба од рекордни 2,8 милијарди долари.
Делумно преселбата на Ма е поттикната и од избегнување на нула-ковид мерките на кинеските власти, заради кои не знаеш кога ќе те стигне некој масовен карантин, ни па колку време ќе бидеш затворен заради него.
Фајненшл тајмс пишува дека Ма во Токио е прилично „тивок“ и своите јавни активности ги има сведено на минимум и главно се појавува во неколку приватни клубови во Гинза дистриктот. Наводно луѓе од уметничката сцена во Токио и блиски на Ма од Кина, тврдат дека тој периодов е посветен на собирање уметнички дела и боење со водени бои.
Други пак тврдат дека тој во Јапонија работи на проширување на своите бизнис интереси, конкретно во полето на одржливост, додека управувањето во двете компании главно е предадено на нова генерација лидери.
6-месечниот престој на Ма во Јапонија коинцидира и со историската распродажба на уделот што јапонски Софтбанк го имаше во Алибаба.
Последниот твит на Џек Ма е од ноември 2020, во периодот кога започнуваше регулаторниот притисок на Пекинг врз технолошките компании и нивните сопственици.