Како над 2.000 милијарди долари црни пари станаа легални на Западот

Нема пари што банки ќе одбијат да ги исперат

Геноцидни нарко-картели, терористички организации, обични криминалци, пирамидални измами, олигарси под глобални санкции и сите останати, изволте 24/7.

Финцен документите се илјадници владини извештаи (од Financial Crimes Enforcement Network  - FinCEN) за сомнителни банкарски активности кои ги објавува конзорциум новинари од цел свет, чиј заклучок е:

„Банките не ги запираат парите, а Владата не ги запира банките.“

Се работи за досега тајни документи кои за прв пат откриваат како „гигантите на западното банкарство префрлаат илјадници милијарди долари во сомнителни трансакции, притоа збогатувајќи се себе си и своите акционери додека во исто време вршат работа за терористи, клептократи и нарко кралеви“.

Во прашање се над 2000 документи за сомнителна активност (suspicious activity reports - SARs), кои банките и останатите финансиски институции ги поднесуваат кога веруваат дека клиентот ги користи нивните услуги за потенцијални криминални активности. САР само по себе не е доказ за направен прекршок, туку „го одразува гледиштето на надлежните во банките за потенцијален прекршок“.

Документите откриваат дека над 2.000 милијарди долари во корумпирани трансакции биле испрани преку банките на Западот, потпомогнати од најголемите глобални банки меѓу кои Дојче банк, ХСБЦ, ЈПМорган Чејс и Барклејс. Сумата е за периодот од 1999 до 2017.

Така ХСБЦ дозволува милиони долари од пирамидални шеми да се префрлаат преку банки околу светот и покрај тоа што знае дека во прашање е измамa.

Една од нив е пирамидалната измама започната во САД од Кинезот Минг Ксу, кој на своите жртви им ветува 100% профит на вложените пари во рок од 100 дена, што ХСБЦ ја води под името WCM777.

Во октомври 2013 ХСБЦ испраќа САР за сомнителна трансакција преку нивниот систем во која над 6 милиони долари се испратени на сметки поврзани со Ксу во Хонгконг. Се работи за 779 трансакции за кои контролата од ХСБЦ наведува дека „не постојат никакви очигледни економски, бизнис или правни основи“ и во забелешка додаваат „пирамидална шема“.

Во февруари 2014 банката испраќа втор САР во кој идентификува 15,4 милиони долари во 1178 сомнителни трансакции и наведува „потенцијална пирамидална шема“.

Трет САР е испратен во март следната година за сума од 9,1 милион долари на истите сметки како претходно, испратени во 361 трансакција.

ХСБЦ во ниту еден момент не ги стопира или одбива овие трансакции, туку наведува дека американските власти утврдиле дека банката „ги исполните сите обврски“ кон државата.

На Финцен документите во изминатите 16 месеци работи Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари ИЦИЈ, кој за ова ангажира 400 новинари од 88 држави.

Примерите што графички ги обработува ИЦИЈ опфаќаат трансакции од само 13 милијарди долари (од вкупно над 2.000 милијарди), а имаат и топ 20 ликови од документите, тука.

21 септември 2020 - 11:33