Фаучи во пензија го дуплирал богатството

Пред пандемијата на ковид, Ентони Фаучи пријавил богатство од 7,6 милиони долари, што не е невообичаено за истакнат доктор и професор. Но, дури тогаш почнал да се богати. До крајот на пандемијата за три години ги дуплирал милионите, а откако заминал од јавна служба заработил уште 12,5 милиони долари од отпремнината и пензијата, но и од предавања, говори и награди.

Фаучи се повлече од државната служба во декември 2022 година, откако 38 години раководеше со Националниот институт за алергии и заразни болести (NIAID). Во моментот на пензионирањето, тој беше најплатениот федерален службеник во земјата со годишна плата од 480.654 долари – сума што беше за 80.000 долари повисока од платата на претседателот.

Државната пензија на Фаучи се проценува на над 350.000 долари годишно – највисока во историјата на државната служба. Тоа значи дека од моментот кога ја напушти функцијата во неговиот џеб се слеале вкупно 1,5 милиони долари од парите на даночните обврзници, вклучувајќи ја и отпремнината од 350.000 долари.

Пензијата, сепак, е само мал дел од 12,5 милиони долари кои Фаучи ги заработил по пензионирањето. Според конзервативни проценки, неговото нето-богатство денес изнесува 27,5 милиони долари, што е 4,5 пати повеќе од она што го пријавил во 2019 година, пред да избувне пандемијата на ковид-19. Таа сума вртоглаво пораснала на 15 милиони долари во 2023 година, кога пандемијата заврши.

Само во првата година од пензионирањето, поранешниот владин комесар за ковид-19 заработил 3,5 милиони долари, според извештајот за финансиска состојба од 141 страница, до кој дошла организацијата за надзор на владиното работење Open The Books.

Откако се повлеков од функцијата во NIAID имав можност да одржувам предавања и да учествувам во неформални разговори и модерирани дискусии низ целата земја, напиша Фаучи во своите мемоари од 2024 година.

Правото за издавање на мемоарите ѝ го продаде на издавачката куќа „Вајкинг“, дел од „Пенгвин Рандом Хаус“ за 5 милиони долари.

Фаучи денес има престижна позиција на Универзитетот Џорџтаун, каде што просечната плата на професор изнесува 233.000 долари годишно. Докторот добива многу повеќе бидејќи извршува повеќе улоги на универзитетот.

Сè уште добива и значителен надомест од авторски права за учебник што го уредува уште од 1980-тите години – годишен износ помеѓу 100.000 и 1.000.000 долари, според финансиските документи во кои не е наведен точниот износ.

Пари му носат и медалите и наградите што ги добива од академската заедница, како 50.000 долари од наградата „Калдероне“ на Универзитетот Колумбија и 40.000 долари од наградата „Линхард“ на Националната академија за медицина. 

Хонорарот за еден јавен настап на Фаучи се движи меѓу 50.000 и 100.000 долари. Од почетокот на 2024 година тој имал најмалку 18 јавни настапи, со што заработил најмалку 900.000 долари. Во април му биле исплатени 75.000 долари за одржување говор на Универзитетот во Минесота. Следниот ангажман му е закажан за септември во Вилтон Манорс, Флорида – заедница популарна меѓу постарите геј мажи, каде што влезниците чинат 160 долари, што е приближно иста цена како за настап во живо на поп-ѕвезда.

Наспроти стотиците предавања, јавни настапи и гостувања, Фаучи реши да молчи на сослушувањето пред Конгресот, на кое сенаторите и американската јавност од него очекуваа да одговори на прашањата дали и зошто лажел за потеклото на коронавирусот, дали прикривал докази, спречувал истрага и имал конфликт на интереси за време на пандемијата. Ако биде покренато обвинение поради одбивањето да сведочи, се соочува со 1 до 12 месеци затвор и парична казна до 100.000 долари - колку што заработува за едно предавање.

******
Види и: Фаучи бил бизарно фиксиран на својата слава

4 август 2026 - 08:34