На Париз ќе му биде постудено и потемно отколку на Берлин

Од моментот кога времето ќе застуди, Франција е поранлива од Германија на снемување струја, проценува аналитичарот на Блумберг, Хавиер Блас.

Во европската енергетска криза целото внимание е фокусирано на Германија и гасот од Русија. Меѓутоа Франција и нејзината колекција на застарени нуклеарни реактори се барем исто толку важни. Всушност, првиот европски град што ќе остане без струја како што температурите заладуваат кон крајот на годината, може да биде Париз а не Берлин.

Како што зимата се приближува, ситуацијата со Франција е се пострашна. Државното електростопанство има активни само 26 од 57-те нуклеарни реактори. Атомските реактори моментално покриваат најнизок процент од потрошувачката на струја во последните 30 години.

Падот на нуклеарните капацитети ја присилува Франција уште повеќе да се потпира на електрани на гас, ветерници и хидроелектрани, како и на увоз. Тоа ја зголемува цената на струјата на пазарот на големо за цела Европа, а француските идни цени се зголемени за повеќе од 1.000% од нивниот децениски просек до 2020.

Сред летото, кога француската потрошувачка на струја е околу 45 гигавати на час, тоа е несовладлив проблем. Меѓутоа на судена зимска вечер, кога француските домаќинства можат да ја дотераат потрошувачката над 80 или 90 гигавати на час, тоа може да биде катастрофално скапо. Иако француската економија е помала од германската, нејзината зимска побарувачка за струја ја надминува таа на соседот бидејќи домаќинствата во Франција многу повеќе зависат од струјата за греење и топла вода.

Иако државното електростопанство (ЕДФ) вети дека барем дел од нуклеарните реактори ќе бидат онлајн во студените месеци, компанијата има лоша навика на претера со ветувања и истите да не ги оствари. Клучна ќе биде сериозноста на зимата: за секој целзиусов степен што температурата ќе падне под нормалата, побарувачката на Французите ќе се зголеми за 2,5 гигавати на час - еднакво на производството на две нуклеарни централи.

За време на доцниот студен бран во април, француската мрежа беше присилена да објави портокалово предупредување - второ по сериозност - во кое побара од домаќинствата и компаниите „умерено да трошат“. Овие предупредувања ќе станат секојдневна појава зимава, и многу е веројатно дека ќе ескалираат до „црвена тревога“ која значи ризик од снемување струја, доколку семејствата и фирмите не ја намалат побарувачката.

Трговците со струја сериозно го сфаќаат ризикот. На пазарот на големо, француската стандардната едногодишна цена скокна на 507 евра за мегават час, далеку над германските цени во иста категорија од 350 до 370 евра. Француските домаќинства за сега се заштитени благодарејќи на ограничувањето на цената, меѓутоа бизнисите се целосно изложени на нејзе.

Кога ќе дојде зима, работите ќе бидат многу полоши. За декември француската струја се тргува на над 1000 евра, што е речиси два пати повеќе од германските цени, додека цената во пикот на побарувачката достигнува над 2.000 евра. Во пракса ова значи дека трговците очекуваат дека француската побарувачка за енергија ќе биде толку висока во однос на снабдувањето што т.нр цени на час ќе стигнат до границата од 4.000 евра што берзите ја поставија во декември. Пазарот, свесен за тоа што следува, се обидува да ја уништи потрошувачката пред време, во обид да избегне гасење струја. Ова е скап начин да се проба да се натераат големите потрошувачи на струја, како топилниците, да планираат гасење во декември.

Францускиот проблем се прелева во остатокот од Европа, вклучително и Британија. ЕДФ, долго време национална гордост како и извозник на струја по ниски цена, сега треба да купува струја за своите дневни потреби. На почетокот од месецов, француската мрежа испрати итно барање до британската мрежа за дополнителна енергија - и тоа беше летно време, кога побарувачката е ниска.

Во минатото, ЕДВ увезуваше струја само по неколку денови во годината, и тоа не секогаш. На пример во 2014 и 2016 Франција ниту еден ден не увезе струја. Меѓутоа како што проблемите со нуклеарките се трупаа, така таа се повеќе зависеше од увоз. Минатата година Франција купуваше струја за 78 денови, годинава, до сега, е присилена на рекордни 102 денови.

Француското купување врши дополнителен притисок врз европските пазари за струја и гас кои и онака веќе се под стрес. Ако Макрон сака да помогне во олеснување на европската енергетска криза, тој треба да се фокусира дома. Средувањето на ЕДФ треба да биде негов главен приоритет - далеку повисоко од неговите телефонски разговори со рускиот претседател Путин.

Париз ги презема првите чекори објавувајќи национализација на компанијата за 10 милијарди евра, меѓутоа дури во септември. Зачудувачки, Макрон допрва треба донесе менаџерски тим. Првиот човек на компанијата се подготвува да напушти, но можеби ќе остане до март 2023. Остатокот од раководството, вклучувајќи го и директорот задолжен за нуклеарките под чиј надзор беа и нивните катастрофални резултати во изминатите неколку години, изгледа дека за сега ќе го задржи местото. Макрон исто така го нема под контрола ни влијанието на синдикатите во ЕДФ - уште еден стар проблем кој ги попречи реформите во компанијата.

Времето истекува. Париз е прекрасен во есен и во зима; но ќе биде многу помалку атрактивен ако „Градот на светлоста“ биде присилен да се замрачи.

Хавиер Блас,
Блумберг

19 август 2022 - 14:31