Кој е побогат, Холивуд или Силициумската долина

Минатата година "The Dark Knight Rises" беше еден од филмовите со најдобра заработувачка, кој донесе околу 1 милијарда долари. Истата година, Инстаграм, сервисот за споделување на фотографии од Силициумската долина, беше купен од Фејсбук за 1 милијарда долари.

На прашањето која од овие опции е подобра инвестиција, одговорот на професорот по финансии од универзитетот Станфорд, Илја Стребулаев, е ниту една, бидејќи и двете индустрии се премногу непредвидливи и нестабилни.

"Холивуд и Силициумската долина постојат заради неколку големи успеси. Ако избереш случаен филм, тој губи пари. Холивуд прави пари од големи хитови. Истото важи и за Силициумската долина, просечната инвестиција губи пари," објаснува Стребулаев.

По одредени основи филмската индустрија, посебно сред летната сезона, е подобра опција. Општиот став е дека 9 од 10 стартапи од Долината ќе пропаднат во првите 2 години. Додека во Холивуд само 7 од 10 филмови нема да успеат на бокс офисот - односно нема да успеат да направат повеќе пари, отколку што било инвестирано во нив.

Од друга страна, тој еден стартап од 10-те кој нема да пропадне, може да донесе големи приходи. Далеку поголеми од Холивуд.

"Добра инвестиција во технологија враќа до три пати повеќе пари од инвестираните. Во најголемиот број на инвестициски компании, една третина од инвестициите не успеваат, една третина излегува на нула, а една третина носат пари," објаснува еден од партнерите на Спарк Капитал, кои беа меѓу првите инвеститори во Тамблр.

Во некои од најекстремните случаи, првите инвеститори на Фејсбук извадија 100 пати поголем ќар од првичниот трошок, додека во Твитер ова беше околу 50 пати.

И Холивуд има слични успеси, па така "Мојата голема грчка свадба" чинеше 6 милиони долари, а направи 369 милиони на кино-благајните. И.Т. кој во 1982-ра чинеше 10 милиони долари, заработи нешто помалку од 800 милиони долари.

Разликата тука е што иако и двете страни носат пари, профитите од Долината се во милијарди долари, додека во Холивуд ќарот се брои во милиони.

"Ако сакате да одите на големи добивки, одете со Силициумската долина, ако сакате поконзистентен, но помал профит, изберете го Холивуд. Но ако сакате со сигурност да правите пари, немојте да изберете ниту едно. Ако разгледате други пазари, ако инвестирате во нафта и челик, ќе имате многу постабилни доходи на вашата инвестиција," е крајната препорака на Стребулаев.

16 јули 2013 - 10:55