Во прашање е саудиското незадоволство од однесувањето на Вашингтон, и потегот треба да биде значителен удар за доминацијата на американскиот долар на пазарот за нафта.
Преговорите меѓу Кина и Саудиска Арабија токму на темава, со паузи, траат околу шест години, меѓутоа периодов тие се интензивираат, откако САД одби да им даде поддршка на Саудијците во војната во Јемен, а во исто време администрацијата на Бајден се обидува да постигне договор со Иран. Саудиски функционери споменуваат дека биле шокирани и од наглото повлекување на САД од Авганистан.
Кина купува 25% од нафтата што Саудиска Арабија ја извезува, па потенцијалното префрлање на плаќањето од долари во јуани сериозно ќе ја засили кинеската валута.
Саудијците од 1974 ја продаваат нафтата исклучиво во долари, како дел од договорот со Никсон кој вклучува и безбедносни гаранции за кралството.
Напнатоста меѓу САД и Саудиска Арабија главно се должи на доаѓањето на Џо Бајден во Белата куќа и тоа што тој не е наклонет кон саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман, како што тоа беше случај со Трамп.
Дополнително САД изминативе 30 години активно работи на зголемување на сопственото производство на нафта. Па од 2 милиона барели сурова нафта увоз на ден од Саудиска Арабија во 1990-те, во 2021 бројката паѓа на 500.000 барели нафта на ден.
Наспроти нив, кинескиот увоз на нафта во изминативе три децении има сериозен скок, па денес Кина само од Саудиска Арабија увезува 1,76 милиони барели нафта на ден, плус 1,6 милиона барели од Русија.
Од друга страна американските аналитичари сметаат дека е тешко остварливо префрлањето на Саудијците на јуан, бидејќи нивна домашна валута, ријалот, е врзан со доларот.