Најбогатиот човек на светот ја управува најголемата продавница на светот со бескомпромисност на „стартап што се обидува да преживее“. Стартувана во гаражата на Безос во 1990-те, Амазон денес има над 1,1 милиони вработени и пазарна вредност од 1.600 милијарди долари. И покрај тоа Безос уште не е излезен од гаражата.
Денес веќе не е прашањето дали Амазон може да порази некој бизнис што ќе му фати око, туку кој е следниот бизнис што Амазон ќе го уништи и комплетно ќе го инкорпорира во себе.
Се додека во екселот им излегува математиката за некој производ / бизнис Амазон не размислува околу негово преземање, без разлика дали тоа било клон на ногарки за апарат или цела корпорација како Хол фудс.
„Кога Амазон одлучи да се натпреварува со продавачот на мебел Вејфер инк, замениците на Безос формираа тим за разлики со Вејфер, кој истражуваше како Вејфер го купува, продава и испорачува кабастиот мебел, за со тек на време целосно да го реплицира најголемиот дел од нивната понуда.
Амазон се фокусираше на Олбирдс инк, производителот на популарни чевли што користи природни и рециклирани материјали, за минатата година да пушти во продажба чевли по име Гален кои изгледаат речиси идентично со најдобро продаваниот модел од Олбирдс, само без еколошките материјали и со цена пониска за повеќе од половина,“ пишува Дана Матоли во текстот за Вол стрит журнал.
Коментарот на Олбирдс на сето ова е што ќе правиш кога ти се намерачила компанија од 1.000 милијарди долари. Коментарот на Амазон е дека не треба никого да го чуди тоа што нудат производи што се тренд за кој муштериите се интересираат.
Најнова мета на Амазон е шопинг платформата Шопифај, која им овозможува на малите трговци лесно и со неколку кликови да отворат сопствена онлајн продавница. Шопифај пред некое време го помина Ибеј и стана втората по големина е-комерц платформа на светот. На прво место е Амазон.
Дел од конкурентите и партнерите, се жалат дека дури и Амазон да ја немаше целата финансиска моќ што ја има, доволни му се податоците и аналитиките што ги поседува за интересите на корисниците на сајтот, за да може да уништи речиси секој бизнис на кој ќе му се намерачи. Вол стрит журнал пред некое време објави дека вработените на Амазон ги користеле аналитиките што ги имаат за независните продавници на сајтот за развивање на производи што ќе бидат директна конкуренција на оригиналите. Запрашан за ваквата пракса за време на сведочењето пред Сенатот, Безос одговори „не можам да ви гарантирам дека тоа никогаш не е направено“.
Еден од примерите што ги обработува Вол стрит журнал е случајот со компанијата Пајрт трејдинг која пред една деценија на сајтот на Амазон годишно продава ногарки за камера во вредност од 3,5 милиони долари. Во 2011 Амазон под брендот АмазонБејзикс почнува со продажба на свои верзии од шесте најпродавани модели на ногарки на Пајрт трејдинг. Производот на Амазон има исти компоненти и ист дизајн како оној на Пајрт трејдинг, па дури го користи и истиот производител што Пајрт трејдинг го има ангажирано.
Продажната цена на производот на Амазон е пониска отколку цената што Пајрт трејдинг ја плаќа само за производство на нивните модели. За нив е поевтино да го купат производот на Амазон, да го препакуваат и препродадат, отколку да продолжат да го нарачуваат под постојните услови, меѓутоа сепак не го прават тоа.
Со тек на време, Амазон во неколку наврати ги суспендира моделите од Пајрт трејдинг (што ги има ископирано), со објаснување дека има проблем со автентичноста на нивните ногарки. Во 2015, Амазон ја суспендира целата линија на Равели производи (под која се продаваат ногарките на Пајрт трејдинг). Откако им завршува суспензијата, тие повторно се враќаат во продавницата, но некогаш најпродаваниот производ во својата категорија сега едвај се продава.
Одговорот на Амазон на ова е дека АмазонБејзикс ногарките не прекршуваат ниту една интелектуална сопственост.
Една од стандардните фори што Амазон им ги прави на продавачите е суспендирање на нивните продавници, по основа дека производот им бил фалсификат. Суспензијата важи се додека сопственикот не му испорача документи на Амазон кои ја потврдуваат легитимноста на производот. Ова значи сериозни секојдневни загуби на потенцијален приход за продавачот, но полошото е што за активирање на продавницата Амазон често пати бара да му се испорачаат копии од фактури и други детали за производството на наводно фалсификуваниот производ. Кога ова ќе се заврши, Амазон им ги активира продавниците, меѓутоа истовремено магично на сајтот се појавува идентична Амазон верзија на спорниот производ и со далеку пониска цена.
Од он-лајн книжарница од пред 26 години, Амазон денес е водечки провајдер на клауд услуги, водечки производител на гаџети (Киндл, Ехо...), еден од најсериозните ентертејмент играчи (Амазон прајм) и директен конкурент на институции како УПС и Федекс, а Безос е најбогатиот човек на светот.
Во октомври, анти-монополската комисија на американскиот Конгрес ја заврши 16-месечната истрага на технолошките компании со извештај во кој Амазон се обвинува дека користи „монополска моќ“ врз продавачите кои се на неговата платформа.