Какви и да носиш очила веројатноста е дека тие доаѓаат од Луксотика. Ова важи без разлика дали се но-нејм рамки или познат бренд. Луксотика ги поседува или има лиценцирано брендови како Армани, Брукс брадерс, Бурбери, Шанел, Коуч, Долче - Габана, Корс, Оукли, Персол, Поло, Ралф Лорен, Реј-Бан, Тифани, Валентино, Вог и Версаче. Во сегмент на леќи таа купи неколку глобални компании за изработка на стакла за очила, а плус има и осигурителна компанија која ги покрива потребите на луѓе кои носат очила.
Моќта на Луксотика неспоредливо порасна откако минатата година се спои со француски Есилор, најголемиот светски производител на очила со диоптер и контактни леќи.
ЛА Тајмс разговара со поранешен директор од индустријата кој објаснува дека во денешно време производството на квалитетни рамки за очила чини од 4 до 8 долари, „за 15 долари добиваш рамки на ниво на дизајнерски очила како оние што се користат за Прада.“ Производството на стаклата за овие очила чини 1,25 долари од парче.
„А сепак овој пар рамки и стакла во САД може да се продаваат за 800 долари,“ пишува Дејвид Лазарус во текстот за Лос Анџелес Тајмс.
Компанијата Оукли е пример за тоа како Луксотика ја користи својата сила за да сотре сè околу себе. По десетина години работа, Оукли во 1995 собира 230 милиони долари од излегувањето на берзата. Во тоа време ланецот продавници за очила Санглас хат, кој има локации низ трговски центри низ цел САД, е најголемиот муштерија на Оукли.
Во 2001 Луксотика го купува Санглас хат. По купувањето веднаш почнуваат новите преговори со Оукли во кои од нив бараат да плаќаат далеку пониски цени за купување на големо, или во спротивно ќе ги намалат своите нарачки од Оукли и ќе почнат да промовираат сопствен бренд.
Во рок од неколку месеци Оукли на своите акционери им објавува дека преговорите не минале добро и дека Луксотика значително ги намалува нарачките.
Акциите на Оукли веднаш губат една третина од својата вредност.
Неколку години подоцна Луксотика го купува Оукли.
„Така стекнаа сопственост врз голем број брендови. Ако не правиш што сакаат, тогаш те отсекуваат,“ објаснува Чарлс Дахан, некогашниот сопственик на еден од поголемите американски производители на рамки за очила.