Во раните 90-ти години, транс-националните гиганти од фармацијата, земјоделството, услужните дејности и производството успеаа во рамките на Светската трговска организација да издејствуваат гарантирање на нивните права да учествуваат на светскиот пазар по поволни околности и да ги лимитираат правата на националните држави да им воведуваат регулативи.
Денес најголемите компании го бараат истото - да ги врзат рацете на државните регулатори и да ги зацементираат поволните услови под кои работат меѓународно - само што, денес најголемите компании не се шарени како некогаш. Сите пет најголеми се од ист сектор и сите се од САД. Гугл, Епл, Фејсбук, Амазон и Микрософт бараат СТО да ги подреди правилата на дигиталната економија под нивните интереси и да се ре-преговараат обврзувачките правила.
Сето тоа го прават под маската на е-комерција. Само што нивното сфаќање на е-комерција е многу пошироко од она што нам нè асоцира. Топ приоритет им е да обезбедат слободно - за нив - користење на денес најдрагоцениот светски ресурс кој важи за „новата нафта“ - информациите и податоците. Тие сакаат да имаат право да задржат милијарди информации кои дигитално поврзаните граѓани секојдневно ги оставаат учествувајќи во интернет мрежата. Да ги трансферираат каде што сакаат, и да прават со нив што сакаат.
Кога ќе ја имаат ваквата монополска сопственост врз податоците, ќе можат за дебели пари да им ги рентаат на заинтересираните страни. Во идната економија, кој ги има податоците, тој ќе доминира на пазарот. Овие компании и сега се обвинуваат за монополско и олигополско однесување, а доколку успеат во намерата, нивната иднина ќе биде загарантирана.
Одличен пример е Гугл, компанијата која собира најмногу пари од реклами во светот затоа што може да ги анализира и препакува нашите податоци. Или пак Убер, најголемата транспортна компанија на светот која нема свои автомобили и не ги вработува своите шофери а најголем капитал им масивниот куп податоци за тоа како луѓето се движат по градот.
Уште едно клучно правило на овие корпорации е да им се дозволи да работат и профитираат во една земја без да бидат обврзани во неа да се регистрираат и да плаќаат даноци. Повеќето земји денес тоа им го бараат но гигантите истото го сметаат за пречка во развојот.
Тие наведуваат дека нивниот бизнис ќе им помогне и на посиромашните земји во развивање на малите и средни претпријатија. Но, земјите во развој имаат други приоритети - инфраструктура, пристап до пари и намалување на дигиталниот јаз а не трошките кои ќе им ги остави работењето на Гугл и компанија.
За среќа, предлогот на големите технолошки годзили наиде на сериозен отпор од азиските и африканските држави во СТО па нивната тактика сега е префрлена на помали теми како што е е- банкарството и слично. Но, имајќи предвид колкав влог е во игра, сигурно нема да се откажат од намерата да можат да го собираат кајмакот а за тоа никому ниту да одговараат ниту да плаќаат.