Цените на струјата и гасот во Германија за само два месеца се зголемија за два пати, а годишната идна цена на струјата, порасна на 570 евра за мегават час. Пред две години, истата оваа цена беше 40 евра.
„Енергетската инфлација тука е далеку подраматична од кое било друго место. Се плашам за постепена де-индустријализација на германската економија,“ изјавил првиот човек на производителот на силиконски делови за автомобилската и авио индустријата, БИВ Изолиерстофе, Ралф Стофелс.
Изминатите децении државата се потпираше на рускиот гас за потребите на нејзините фабрики и погони. Денес, истата оваа држава прави стратегии како да не ги изгаси сијалиците откако Русите ја скинаа испораката на гас.
И покрај овие мерки, процените се дека следниот месец цените на европскиот гас ќе бидат рекордни 241 евро по мегават час, што е 11 пати повисоко отколку просекот за тој период од годината.
За компаниите дополнителен проблем е што најголемиот дел од владините мерки се однесуваат на домаќинствата додека фирмите се изложени на берзанските удари.
Иако економијата уште се држи, Блумберг цитира статистики според кои пример хемиското производство во земјата во јуни било 8% пониско отколку во декември.
„Ако индустријата мора да се префрли на скратена работна недела и намалени плати заради енергетската криза, тоа е моментот кога станувам нервозен.
Состојките за социјален немир се тука и тоа е ризикот што се потценува,“ објаснува за Блумберг консултантот Мартин Девениш.
Минатиот месец ММФ изјави дека Германија е на пат да има најлоши резултати во Групата на седум нации заради своето потпирање на руски гас.
На терен, најголемиот производител на бакар во Европа, Аурубис од Хамбург, најави дека планира да го минимизира користењето гас, а трошокот за енергија да го префрли на купувачите; шеќерниот гигант Судцукер, воведе итни енергетски планови во случај Русија целосно да го прекине снабдувањето гас; БМВ поседува 37 станици за генерирање топлина и струја, и планира во иднина оваа потреба да ја покрива од локалните снабдувачи на енергија; а фирмата за амбалажа за пакување, Делкескамп, планира да ја затвори својата фабрика за хартија во Нортруп заради високи трошоци на енергија.