"Истрагата на Комисијата заклучи дека Ирска доделила нелегални даночни олеснувања на Епл, што му овозможило да плаќа значително помалку данок отколку останатите компании во период од повеќе години," изјавила ЕУ комесарката за конкуренција, Маргрета Вестагер.
Американската компанија наводно плаќала данок од 1%, што е далеку под тогашниот официјален корпоративен данок во Ирска од 12,5 проценти.
Целата истрага која трае 3 години, и за која Вестагер има подготвено одлука од 130 страни, постојано е критикувана од Вашингтон и американските компании. Американскиот Департман за правда ја обвини Европската комисија дека се претвора во "наднационална даночна власт," која се става над даночните закони на земјите членки.
Обвинението до Ирска е дека ги прекршила меѓународните даночни правила со тоа што му дозволила на Епл да изнесе милијарди долари европски профит, во замена за одржување на работните места.
Ирска и Епл најавија дека ќе поднесат жалба на одлуката. Според бројките од минатиот месец Епл има 232 милијарди долари во готовина, од кои 214 милијарди им се вон САД. Според Американската трговска комора во Ирска, ниските корпоративни даноци во земјата, имаат привлечено над 700 американски компании, кои вработуваат околу 140.000 луѓе.
Пресудата е далеку поголема од кој и да бил сличен случај до сега. Претходно комисијата им нареди на Холандија и Луксембург да наплатат 30 милиони евра во неплатени даноци од Старбакс и Фиат Крајслер. Најголемата казна по оваа основа до сега беше за француската енергетска група ЕДФ, која требаше да врати 1,4 милијарди евра во данок.