За многумина биткоинот е новото злато. Некои го нарекуваат „злато 2.0“. Особено поради блескавиот пораст на цената на оваа криптовалута, која што само во изминатите месеци се зголеми неколкукратно. Биткоинот стана дел и од поширокиот финансиски систем - неодамна дебитираше на берзата во Чикаго. За договорите во јануари 2018 година, цената на биткоинот во еден момент надмина 20 илјади долари, но подоцна се намали на 19.500 долари.
Медиумите се преполни со наслови од типот „ако пред неколку години вложевте мал износ во биткоин, сега ќе имавте цело богатство“. Доволно да се запалат страстите и мечтите на обичните луѓе. И да се тргне во „рударење“, сложена постапка во која со помош на компјутери се изведуваат разни алгоритми, за да се дојде до посакуваната виртуелна валута.
Дали станува збор за балон, и дали ќе „пукне“, како што предупредуваат повеќе економисти (според многумина прашањето не е дали, туку кога), или пак ќе продолжи трендот на зголемување на цената, е главната дилема за оние кои „рударат“.
Неодамна добитникот на Нобеловата награда за економија, Јозеф Стиглиц изјави дека биткоинот треба да биде забранет, а еден ден по оваа негова изјава друг лауреат предупреди дека дигиталната валута ќе го повтори крахот на берзата во САД што претходеше на големата депресија. Роберт Шилер, економист од Јеил изјави дека привлечноста на валутата е приказна слична на оние филмови со мистерии, кој привлекува луѓе кои сакаат да го надитрат системот.
„Биткоин, тоа е апсолутно возбудливо", рече Шилер на конференција во Вилнус, Литванија. „Брз си, паметен, другите не разбираат... А биткоинот носи едно антивладино, антирегулаторното чувство. Тоа е толку прекрасна приказна. Само уште да е вистинита", изјави Шилер.
Европските економисти сепак смируваат и велат дека финансискиот систем, во случај на евентуални потреси со виртуелната валута, ќе остане стабилен.
„Биткоинот не претставува закана за финансиската стабилност и во следните неколку години веројатно нема да ги претрка меинстрим пазарите“, заклучија група водечки европски економисти.
Според истражувањето во кое што беа опфатени речиси 50 академици од универзитетите ширум Европа, мнозинството се оптимисти во врска со ризиците од дигиталната валута и покрај предупредувањата од високи финансиери.
Сегашната мал волумен на биткоинот и неговата одвоеност од поширокиот финансиски систем е една од клучните причини за ваквата удобност меѓу економистите. Според нив, големите инвестициски групи не поседуваат значајни количини на дигиталната валута. Вредноста на биткоинот годинава се зголеми за повеќе од 900 отсто и неговата вкупна вредност изнесува околу 300 милијарди долари, наспроти вкупната вредност на глобалните акции од речиси 80 илјади милијарди долари.
Високи финансиери, вклучувајќи ги и главните директори на ЈП Морган и Голдман Сакс, изминатите месеци предупредија во врска со биткоинот, додека претседателот на Ројал бенк од Скотланд го спореди со „Пеколот“ на Данте, велејќи дека тоа е шпекулативен меур и дека инвеститорите од централните банки треба да го имаат предвид ваквото апокалиптично предупредување.
Поради стравувањето дали банките се способни да ги покријат загубите од тргувањето со биткоин, неколку големи инвестициски банки испратија писмо до американските регулатори барајќи одговор на прашањето колку е подготвен системот на регулација.
Иако повеќето економисти сметаат дека ризиците за финансиската стабилност се ограничени, тие сепак сметаат дека владите треба да воведат поголеми контроли за криптовалутите бидејќи нивната анонимност и нетранспарентност може да овозможи даночно затајување и други криминални активности.
„Еден дел од сегашната политика е да се бори против перењето пари и даночното затајување преку даночни раеви. Изгледа чудно што криптовалутите ги заобиколуваат ваквите ограничувања“, вели Николас Олтон од Лондонската школа за економија.
И додека биткоинот станува се попривлечен, особено за поединци, централните банки и државите во целина главно се држат до познатите и проверени традиционални вредности како што е златото.
„Очигледно е дека глобалната финансиска криза имаше сеизмички ефект врз пазарите. Настаните од 2008 година го преобликуваа однесувањето на инвеститорите, не само во Германија“, вели Арам Шизманијан од Светскиот совет за злато.
Како нација која го вреднува зачувувањето на богатството на долг рок, Германија има долга традиција во инвестирање во злато. Кон крајот на минатиот век германските инвеститори открија нова фасцинација - акциите, а банките ги минимизираа златните резерви. Сепак, во изминатите 20 години, Германија од 12 се искачи на 4 место на табелата на нации кои купуваат злато. Минатата година просечната побарувачка на злато по жител достигна 1,5 грама, најмногу меѓу земјите од Г-20. Германските купувачи на злато го комбинираат азискиот или блискоисточниот апетит со западната куповна моќ. Но, тие се уникатни во изборот - повеќе преферираат прачки и монети, отколку накит.
„Накусо, биткоинот нема да го замени златото во скоро време", смета Џим Крамер, водителот на „Мед мани“, кој во една од неговите емисии се осврна на ова тема при што ја постави дилемата дали биткоинот почна да го заменува златото како прибежиште за вредноста и место каде што богатите ги кријат своите пари кога се загрижени поради инфлација или од можна конфискација од страна на нивните влади.
Карли Гарнер, соосновач на Декарли трејдинг вели дека биткоинот требаше да биде експериментална валута која им овозможува на луѓето анонимно да трансферираат пари преку интернет, но не е „инвестициско возило“.
Дигиталната валута, исто така, не е поддржана од било што физички. Ако се укине интернетот, сопствениците на биткоинот ќе немаат пристап до нивните средства. Сопственикот на биткоин кој е хакиран или ја заборавил неговата лозинка ќе го добие истиот резултат.
„Ставете го сето тоа заедно и Гарнер верува дека астрономската вредност на биткоинот е резултат на перцепција, а не реалност", вели домаќинот на „Мед мани“.
Златото, од друга страна, има одредена инхерентна вредност. И покрај тоа што најголем дел од неговата вредност е симболична, скапоцениот, некорозивен метал, ако ништо друго, може да се искористи за да се направи накит, да се спроведе електрична енергија или да се направат златни заби.
Плус, глобалниот пазар на злато вреден 2,4 илјади милијарди долари е огромен. Милиони инвеститори поседуваат дел од колачот во вид на злато, накит, монети или други инвестиции. За споредба, целиот пазар на дигитални валути е вреден 600 милијарди долари, а од тоа на биткоинот отпаѓа околу половина.