Според податоците на консултантската фирма Беин и компанија (Bain & Company), потрошувачката на луксузни производи годинава на глобално ниво се зголемила за 5 отсто. Но, тоа е само дел од порастот од 40 отсто колку што се зголемило нето-богатството на десетте отсто на лицата со највисоки приходи во Америка во периодот помеѓу 2013 и 2016 година.
„Порано можевме да видиме дека растот на луксузот е тесно поврзан со берзата“, вели Милтон Педраза, главен извршен директор на Институтот за луксуз, консултантска фирма за врвни брендови. „Берзата и пазарот на недвижности се зголемија толку многу што никој не сака да ги потроши сите пари. Тоа е невозможно“.
Големиот пораст на богатството ја влоши и поделбата меѓу оние на самиот врв и оние на дното, и покрај тоа што економскиот подем овозможи напредок и подобри примања за многу вработени. Еве неколку примери.
Индексот Стандард и Пурс 500 (S & P 500) од почетокот на годинава до сега порасна за 20 отсто, додека индексот Доу Џонс (Dow Jones Industrial Average) се зголеми за 25 отсто, „билдајќи“ ги портфолијата и зголемувајќи ги дивидендите. Ваквите придобивки ги делат сопствениците на 401 илјада сметки.
Истовремено, само околу половина од Американците учествуваат во фондовите за пензионирање спонзорирани од работодавците, а уште помалку (18,7 отсто) се сопственици на акции. Во двата случаи, учеството на пазарот е искривено кон оние со повисоки примања, што значи дека богатите непропорционално имаат поголема корист од бумот на Волстрит.
Годинава и цените на куќите достигнаа историски највисоко ниво, особено во некои градови како Сиетл и Сан Франциско, каде што многу работници веќе не можат да си дозволат да купат недвижност.
Иако поседувањето куќа е показател за богатството на средната класа, сопственици на куќи се повеќе се оние со повисоки приходи. Според статистичкото биро, 78,4 отсто од семејствата кои имаат приходи над просечниот се сопственици на куќи, наспроти 49,5 отсто од семејствата чии приходи се под просекот.
Годинава беа рекордни и нето-профитите на корпорациите, кои во третиот квартал достигнаа 1,86 билиони долари. Во исто време, делот од бруто-домашниот производ што оди за плати и натаму е близу до нивото за време на кризата. Тоа значи дека работниците носат дома помал дел од економскиот колач. Навистина, годинава имаше знаци дека платите на луѓето од дното на скалата се зголемуваат, но изминатите десет години побрзо растеа кај луѓето од врвот на пирамидата.
Во меѓувреме, во 2017 година продолжи трендот на мега-спојувања проследен со консолидација на компаниите, што според економистите им овозможува на монополите да го исцедат вишокот профит од потрошувачите. Некои се загрижени дека тоа ќе продолжи и натаму, посочувајќи ги најавените сојузи помеѓу ЦВС и осигурителниот гигант Аетна, или помеѓу хемиската компанија Баер која го купува Монсанто.
Бизнисмените го поздравија укинувањето на многу прописи од времето на претседателот Обама, што го направи администрацијата на Трамп. Тие велат дека ќе работат поефикасно и ќе заштедат пари. Останува да се види колку од овие заштеди ќе се насочат надолу кон работниците, а колку кон инвеститорите.
Неколку одлуки кои беа донесени во 2017, на пример за заштитата на потрошувачите во арбитражните постапки или за прекувремената работа, им овозможуваат на оние од врвот да добијат повисоки приходи и да ги префрлат трошоците на грбот на јавноста, сметаат од Центарот за правичен развој.
Штотуку донесената даночна реформа ги намалува даноците за повеќето луѓе со понизок и среден приход, но таа е особено дарежлива за луѓето со високи примања и големи банкарски сметки.
Центарот за даночна политика проценува дека 65,3 отсто од бенефициите од новите даночни намалувања од 20 отсто, удвоеното ослободување на данокот на имот, пониските даночни стапки на данок на доход, ќе одат кај 20-те отсто поединци со највисоки приходи, при што првите 1 отсто во 2018 година ќе платат во просек по 50.000 долари помалку за даноци. Со текот на годините ваквите даночните повластици уште повеќе ќе се зголемуваат за оние од врвот.