Зошто Бутарис толку ги гневи?

Градоначалникот на Солун кој пред неколку дена беше физички нападнат од банда националистички хулигани, на таквите кругови им боде очи по разни основи: Кемал Ататурк, Македонија, ЛГБТ, па дури и за кремирањето покојници. Зошто тогаш Солун на двапати го гласа? Главно, затоа што не краде.

За нападот и тепањето на солунскиот градоначалник досега се идентификувани четири лица кои се соочуваат со затворски казни од 14 до 21 месец. Еден од нив се вадел дека бил под дејство на алкохол и дроги (после нападот тргнал да ограбува месара), друг плачел и тврдел дека бил понесен од толпата, само еден признал дека бил гневен откако ги слушнал анти-грчките ставови на Бутарис. 

Се работи за една изјава која му се препишува на Бутарис а во деновите пред нападот вирално се ширеше низ грчките воинствени тастатури: „Не ми е гајле ако Кемал убивал Грци“. Како сол на рана дојде и втората вест дека градоначалникот сака да ја омаловажи комеморацијата на грчкиот геноцид (убивањето и протерувањето Грци од Мала Азија) со поклопување со геј парада закажана за истиот ден, под пoкровителство на градските власти.

И двете 'точки на обвинението' се горе- долу лажни вести. Датумот на двата настани воопшто не е ист а изјавата за Ататурк е извадена од контекст на желбата на Бутарис да го направи Солун дестинација и за турски туристи, користејќи го меѓу другото и фактот дека во градот е роден основачот на Младотурската револуција.

Бутарис настојува силно да го промовира Солун како важен град не само на грчката, туку исто така и на турската и еврејската историја. Го промовираше основањето на Музејот на холокаустот во Солун, во знак на сеќавање на еврејското население кое го подигна Солун како регионален економски и трговски центар а по нивното систематско уништување во наци-камповите, грчката државна политика систематски работеше на негово заборавање (види: Солун, градот кој се бори со своите потиснати сеќавања).

Со својот мултикултурализам Бутарис ги вади од памет оние кругови кои се обединети околу црквата, ги изнервира кога рече дека не би имал ништо против изградба на џамија во Солун, ги изнервира кога на полу-шега рече дека солунскиот аеродром „Македонија“ би можел да се прекрсти во „Никос Галис“, ги нервира со идејата дека градот треба да добие крематориум, нешто за што Грци денес одат во Бугарија да завршат работа.

Зошто тогаш Солун го има гласано па и ре-избрано? Затоа што многу добро му е познат на градот, богат е, еден е од најдобрите винари во државата и не е корумпиран.

А тоа не може да се каже за неговиот претходник, Василис Папгеоргопулос, трикратниот солунски градоначалник од редовите на Неа Демократија кој политичката кариера ја заврши в затвор заради олеснување на градската каса за 18 милиони евра кој градот го остави во долгови од над 50 милиони евра. Тој нагласено се потретираше себе си како христијанин, патриот и еден од најгласните непријатели на Република Македонија. Под ист бренд работи и актуелниот регионален гувернер на западна Македонија, Панагиотис Псомиадис кој на истиот плоштад на која Бутарис беше нападнат, непосредно пред инцидентот даде интервју во кое градоначалникот го нарече „политички травестит“ кој “ја продаде Македонија“.

„Патриотизмот во Грција е многу лукративен бизнис и е најдобриот начин на правење политичка кариера“, пишува Никос Фотакис во Неос Космос.

 

28 мај 2018 - 10:48