Прскање комарци? Србите не се наивни!!

Една од најопасните служби во Србија не се пожарникарите ниту медицинскиот персонал кој е во првиот ред во борбата со ковидот, туку  оние што прскаат за комарци. Излудени од теории на заговор и општ пандемиски хаос, луѓе почнуваат да ги напаѓаат тие екипи сомничејќи ги дека ги трујат со нешто. Со што? Со нешто де.

„Уште еден грд викенд за Градска чистота“, заклучува Политика информирајќи дека неколку екипи на ова комунално претпријатие биле нападнати последниот викенд додека биле на задача на терестријално прскање против  возрасни форми на комарци.

Нападите - засега - се чинат неорганизирани и се дело на напнати граѓани кои се убедени дека прскањето против комарци е само маска луѓето да бидат труени. Тоа што никој не умее да објасни со што и - уште поважно - зошто некој би ги труел луѓето од, на пример, општина Гроцка, не ги спречува да ја земат правдата со свои раце и како знаат и умеат да ги спречат екипите да ја извршат работната задача. Храбри и голораки Срби им ги кршат шофершајбните со камења и се расправаат со луѓето кои често се принудени да побараат полициска асистенција.

„Верувам дека поедини сограѓани се искрено уплашени за своето здравје но наавистина е неосновано да веруваат дека сузбивањето на комарците може негативно да влијае на нивното здравје. Тоа се одвива со децении а денес се користат препарати кои се апослутно безбедни. Во секој случај, стравот не може да биде оправдување за физичко насилство врз нашите луѓе,“ порачуваат од секторот за екологија на јавното претпријатие.

Некој лик (баш во таа Гроцка) го сопрел специјализираното возило на Чистота и не само што инсистирал да види налог и спецификација со што и за што се прска, туку им дал до знаење дека му е кристално јасно дека се работи за тероризам врз недолжното население. Кога му рекле дека се дојдени за комарците, ликот им рекол дека нему комарците ама баш ич не му пречат и дека сака да има комарци, со тоа што им се заканил дека ако уште еднаш дојдат „нема живи да излезат од улицата“.

10 август 2021 - 13:23