Првиот бран на адаптација на новата заедничка валута се случува кон крајот на минатиот милениум, на 1 декември 1999 година кога во зоната влегуваат Австрија, Белгија, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Португалија и Шпанија.
Две години подоцна на друштвото му се приклучува Грција а потоа следува една подолга пауза која ја прекинува Словенија во 2007 па Кипар и Малта (2008), Словачка (2009), Естонија (2011), Латвија (2014) и конечно Литванија која го прифати еврото во 2015 година.
При преоѓање на еврото не доаѓа до автоматско повлекување на националната валута бидејќи тоа би било неизводливо туку започнува транзиционен период. Оние првите земји си дадоа фора од 3 години, Грција ја повлече драхмата за една година.
Косово и Црна гора го усвоија еврото иако не се членки на ЕУ а од членките, заедничка валута немаат Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Полска, Романија и Шведска. Сите членки се обврзани да прејдат на евро освен Данска и Велика Британија кои тоа го побараа за време на пристапните договори (но, Британија веќе излегува).
Оние со жолта боја се земји кои имаат валутни договори:
Хрватите очекуваат влегувањето во евро зоната да не ги чини повеќе од 0,3% поскапување на цените бидејќи така велат досегашните искуства со просеците. Но просеците знаат доста работи и да сокријат. Некои производи ќе останат исти, некои може да се кажат и за 100 %.
Во дигањето на цените улога играат и психолошки фактори, лакомоста на трговците и сл. Последниве знаат трикчиња со перцепцијата како што тоа беше случај со лебот во Италија. Луѓето таму беа навикнати тој да чини 500 лири, па кога таа цена им беше заменета со новата - 50 евро центи, немаше големи бранувања иако 50 центи всушност се двојно повеќе - 968 лири.
Латвиската ЗАРА пред прифаќање на еврото беше за 7% поевтина од другите европски дуќани на познатиот производител на облека. За само неколку месеци, без некоја јасна економска причина, разликата изнесуваше нула.
Добар дел од властите инсистираат на упросечување на трошоците затоа што така се намалува цифрата а проектот звучи пооправдан.
Ретки кои не ја замачкуваа вистината беа Германците. Три години по воведувањето на новата валута, тогашниот нивен министер за финансии, Ханс Ајхел, рече дека проектиот ги чинел повеќе отколку што властите планирале и дека главниот товар на транзицијата го изнеле потрошувачите, особено во секторите на исхраната и услужните индустрии.
„Премногу се потпревме на идејата дека продавачите сами ќе се зауздаат“, изјави тогаш првиот финансов на земјата во која цената на зеленчукот порасна за 19 %, на рестораните за само 3,9% но затоа телевизорите или автомобилите станаа понекогаш и двојно поскапи.
Некои реални прогнози веат дека Хрватска ќе го земе еврото во 2019-та година а европските лидери порачаа дека сите членки на ЕУ ќе треба да влезат и во евро-зоната најдоцна до 2025 година.
Хрватите се надеваат дека тоа дополнително ќе им отвори нов пазар и дека ќе профитираат од проектот. На пример, тие за извоз имаат доста квалификувана работна сила. Но, извозот на квалификувана работна сила слободно можете да го викате и егзодус.