Комитетот кој го состави самиот Ципрас во пресметката освен разрушувањето го вклучува и заемот што Нацистите го земале од Банката на Грција, а бара и враќање на археолошките богатства.
Пред комитетот да седне да пресмета, процените за штетата од Нацистите се движеа околу 160 милијарди евра. Новата бројка изнесува речиси 10% од сегашниот БДП на Германија.
Ципрас барањата за репарација ги нарече "морално и етичко" прашање за неговата држава, додека министри од неговата влада се повеќе ја поддржуваат идејата за запленување на германскиот имот во Грција.
Владата има поддршка и од народот, па на последните анкети 80% од Грците биле согласни дека Германија треба да ги плати парите што ги должи од Втората светска војна.
На барањата реагираше заменик-канцеларот Сигмар Габриел, порачувајќи дека предлогот е - глуп.
"Кога ќе споиш две области кои немаат ништо заеднички една со друга, и двете со голем политички товар, во еден единствен контекст, тогаш само им олеснуваш на оние од кои сакаш нешто едноставно да ја напуштат дебатата и да кажат 'не можеш така да направиш,'" порачува Габриел.
Сличен став има и Меркел, според која ова прашање е решено и затворено со договор од 1960-та.
Освен извештајот за германскиот долг истиот комитет одлучи дека треба да се спроведе посебна истрага за околностите на договорот од 2010-та за спасување на земјата од банкрот, кој што побарал и кој што дозволил.
Претходно Варуфакис тврдеше дека економијата на земјата некоректно е оптоварена со долгови кои сега се мачи да ги исплати додека и се празнат финансиските резерви. Неговиот став е дека Европа со проблемот се справила така што "најголемиот заем во човечката историја го ставила на најслабите рамења - грчките даночни обврзници."