Нова турнеја на македонскиот фан клуб на Реал Мадрид

Малме и Париз им беа попатни станици до Ел Класико

Навивачите на Меренгес од Македонија успешно ја заокружија богатата 2015 година во која ги бодреа Кралевите ширум Европа. Ни раскажаа за контактот со уредникот на реномираниот АС и зошто настанал проблем со поставувањето на македонското знаме на трибините каде се наоѓа групата Ултра Сур.

Петмина македонски навивачи на Реал сезонава беа на Бернабеу и тоа на мечот на сезоната, десетмина во Париз на Лига на шампиони, а трета група беше во Малме. Импресиите ни ги раскажаа Борис и Горан.

Заслужена роденденска торта за 1-година постоење на официјалниот фан клуб Пења Мадридиста де Македонија. Кои денови од годинава ќе ги заокружите со црвена боја?

Успешната 2015-та година за Пења Мадридиста де Македонија заврши со организација на Ел Класико на Сантиаго Бернабеу. После патувањата во Париз и Малме и прославата на 1 година од официјално постоење во септември, ја финиширавме годината со посета на Мадрид и присуство на Класико на Бернабеу. Четврто Класико за членовите на нашата Пења, а второ на Бернабеу после нашето официјализирање во септември 2014 година.

Каков е Мадрид вон фудбалски?

За сите петмина кои патувавме во Мадрид за натпреварот, прво Класико. Самиот натпревар можеби нема да го паметиме по најдобро, заради лошата игра на Реал и убедливиот пораз. Но, искуството кое го доживеавме е незаменливо и единствено. Имавме доволно време за да го запознаеме Мадрид деновите поминати во Шпанија. Од поголемите знаменитости на градот силно ги препорачуваме Пуерта де Сол, што е центарот на престолнината и на цела Шпанија, Плаза Мајор, Кралската Палата и Плаза де Ориенте, прекрасниот парк Ретиро со Паласио де Кристал, Пуерта де Алкала и секако Плаза де Сибелес, местото каде што фановите на Реал Мадрид традиционално ги прославуваат титулите.

Река луѓе пред Класико

И покрај поразот од Барселона, Ел Класико 2015 го следеа добри настани кои ќе ви останат во сеќавање. Што има на Бернабеу што треба да се види?

10-те титули, пехарите од Лигата на Шампионите, Златните Топки на Зидан, Роналдо, Фиго, единствената титула за најдобар клуб од 20-тиот век се само дел од магичните нешта кои што можете да ги најдете само на Бернабеу, во музејот на Реал Мадрид. Прошетката по Гран Виа, централната улица во градот, прекрасен спој на традиционалната и модерната шпанска архитектура, дава многу можности. Како тестирање на шпанската кујна преку некој од многубројните ресторани, добра забава во баровите и дискотеките, или шопинг во околните центри со поволни цени. Останавме запрепастени од убавината на Мадрид, но и пријатноста на луѓето кои живеат во овој дел на Шпанија.

Дека не може сè да биде розово, покажаа и недоразбирањата кои ги имавте со водството на Ултра Сур, како во Париз, така и на Ел Клаиско. Што се случи?

Прво имавме недостаток од една влезница, но успеавме да ја набавиме од препродавачите кои тапкаа карти во околината на стадионот. Проблемот се јави со редарската служба, која добила наредување да не пушта други државни знамиња, освен шпанското. На ваква идеа навивачите на Реал дошле по сè поголемите притисоци на Каталонија за независност, па на некој начин сакаат да се слушне и нивниот глас за Шпанија. Знаете и сами дека на Камп Ноу се веат само Каталонски знамиња, па истата пракса со шпански знамиња започна и на Бернабеу. Иако на врата мораше да се остават сите знамиња и банери од други земји, успеавме да прошверцуваме едно, направивме пар фотографии со него, но веднаш дојдоа момци од Ултрас Сур (навивачката група на Реал стационирана на горниот спрат) и ни го фрлија. Не можевме да го закачиме ниту знамето од фан клубот ПРМДМ.

Со легендарниот Емилио Бутрагењо

Со вашите патувања насекаде каде што игра Реал ги купивте и луѓето од водечките шпански весници и интернет портали. Како помина средбата со луѓето од АС, од Марка?

За жал репортажата за АС ја оставивме за друга прилика, затоа што временски не беше изводлива поради авионските летови. Нè зезнаа од една компанија со летовите, имавме резервирано еден термин, но се испостави дека поради генерален штрајк на контролорите за летање ќе мора да се вратиме или во понеделник попладне или дури во среда. Поради работни обврски не можевме да останеме до среда и мораше да се враќаме за Македонија во понеделникот. За беља, ручекот со главниот уредник на АС, Томас Ронсеро беше закажан за понеделник во 15:00 напладне а ние во 16:00 мораше да бидеме на аеродром и затоа моравме да го откажеме.

Главниот уредник на АС. Томас Ронсеро со маица од македонскиот фан клуб на Реал

Репортажата требаше да се емитува и на АС ТВ, а Ронсеро ни порача дека гордо ќе носи една од нашите маички во емисијата Еl Chiringuito (Во Барот). Им дадовме доста подароци од Пења Мадридиста Македонија на многу новинари, се видовме на кратко, поразговаравме и договоривме средба за пролет кога ќе оди некој од нашите, тогаш да се реализира репортажата.

Мадрид дише за Реал

И Пепе ја запозна Пења мадридиста де Македонија

Малме?

Во Малме отпатувавме четворица од овде и таму се најдовме со шестмина нашинци. Има многу што да се види во градот, а ние успеавме во голема мера да ги посетиме сите поважни локации. Таму се сретнавме и со останатите Пењи на Реал Мадрид од Скандинавија, а имаше и Шпанци нормално. Мала неприлика беа нередите што ги направија членови на Ултрас Сур, 50-ина на број кои одат речиси секаде кои кршеа флаши и ја гаѓаа полицијата. Некако брзински влета шведската полиција и уапси неколку од нив. Сè останато беше ок, а крајниот резултатот 0:2 го разубави нашиот престој таму.

На стадион во Шведска:

ПСЖ - Реал Мадрид беше можеби најинтересниот меч што завршил 0-0. Како поминавте во градот на Ајфеловата кула?

Тоа гостување ќе остане запаметено по банерот со името Македонија кој беше ударен во гостинскиот сектор. Имавме недоразбирања со некои од Ултрас Сур, но на крајот се изборивме за тоа да се чита што пишува на знамето. Гостинскиот сектор на Паркот на Принцовите е зад едното корнер знаменце. Нашето знаме се гледаше на телевизија, но коментаторите што во Македонија ја пренесуваа средбата никако не се сетија да напоменат за тоа. Таму отпатувавме 10 луѓе од овде и се најдовме со 10 нашинци кои живеат во Париз и кои имаат симпатии кон Реал. Новост на тој меч беше што Реал за првпат со картите за гостински навивачи доделуваше и бразелетни, алки за раце, со цел да се спречи препродажбата.

Македонското знаме на ПСЖ - Реал Мадрид

2015-та беше одлична за ПРМДМ. Кои се идните планови на вашето здружение?

Сигурно нема да застанеме тука. Со големи планови како Пења на Реал Мадрид во Македонија за иднината, сакаме да бидеме редовни на Класико, да реализираме помасовно патување за повеќе наши членови во Мадрид на пролет, да организираме некои заеднички средби со другите Пењи на Реал Мадрид од соседството и слично. Во меѓувреме, на сите оние кои се размислуваат за посета на Мадрид, топло им го препорачуваме.

За претставувањето на македонскиот фан клуб на Реал Мадрид имате тука.