
Пол Сколс е роден на 16. ноември 1974. година во Салфорд, Манчестер. Дедо му од страна на мајка му бил од Република Ирска, а по татко потекнувал од Северна Ирска.
Семејството Сколс се преселило во градот Ленгли кога Пол имал само 18 месеци. Основното училиште учи во Сент Мери РЦ, каде за првпат заигрува за школскиот тим. На 14 години почнал да тренира во Манчестер Јунајтед, а подоцна се приклучува кон младинците на Црвените шаволи.
Сколс не бил член на младинците на Јунајтед кои во 1992. година го освоија ФА Купот за млади кога во составот беа Дејвид Бекам, Ники Бат, Гери Невил и Рајан Гигс. Професионалец станува на 23. јули 1993. година и го зема дресот со број 24.
Дури три месеци Сколс играше како напаѓач во тандем со Енди Кол поради суспензијата на Ерик Кантона. Сколс во 1995/1996 тогаш постигна 14 голови во сите натпреварувања. Сезоната ќе остане запаметена по тоа што Јунајтед стана прв англиски клуб што ја одбранил титулата.
Во 1998/1999, омилениот играч на Сер Алекс Фергусон беше клучен во освојувањето на Премиер лига, ФА Куп и Лига на шампиони. Постигна еден од двата гола против Њукасл во финалето на ФА Купот, и даде важен гол во четвртфиналето на ЛШ против Интер на гости. Во вториот меч од полуфиналето на ЛШ против Јувентус, Сколс влезе како резерва, но доби жолт картон поради старт над Дидие Дешамп, картон поради кој го пропушти историското финале против Баерн Минхен.
На 22. октомври 2006-та година, Пол Сколс се запиша на вечната листа на фудбалери кои играле преку 500 натпревари за Манчестер Јунајтед. На 23. април 2008. година го одигра и 100-от дуел од ЛШ во полуфиналето против Барселона кое заврши 0-0. Во реваншот Сколс го постигна единствениот гол за победа од 1-0 и го прати Јунајтед во финалето. Таму, во Москва Сколс го крена пехарот по триумфот над Челси.
Дека дефинитивно се повлекува од фудбалот, Сколс објави на 11. мај 2013-та година. Го одигра својот 499-ти лигашки настап осум дена подоцна кога влезе од клупата против ВБА и го заработи 99-от жолт картон (трет на листата на сите времиња зад Ли Боер кој има 102 и Кевин Дејвис со 101 жолт картон). Важеше за техничар кој има најдобри далечински додавања и креативна прецизност.
Во еден момент од сезоната 2013/2014, Сколс му беше помошник на Рајан Гигс кој го превзема тимот по отказот на Дејвид Моес. Сколс денес работи како стручен коментатор за британската телевизија БТ Спорт а пишува и редовни колумни за Индепендент.
И покрај тоа што имаше проблем со астмата и боледуваше од болест на колената која се среќава кај младите спортисти (болеста Osgood-Schlatter), тоа не му сметаше да направи фантастична кариера. Сколс е оженет со девојката од младоста и има три деца од кое едното, за жал е аутистично.