Неделава е круцијална за сезоната на Интер. Во само неколку дена ќе играат прво со Ајнтрахт реванш во Лига Европа, а потоа градско дерби против Милан.
Поради повреди и суспензии, Спалети ќе мора да го крпи составот, па најверојатно некои фудбалери ќе играат на поинакви позиции од нивните природни.
Во неделата со СПАЛ (2:0) се повредија Миранда (скршеница на носот по дуел со шпицот Петања) и Марсело Брозовиќ кој поради повреда на задната ложа излезе уште во првото полувреме.
Од поодамна повреден е и Раџа Наинголан кој тренирал одвоено, неизвесен е дури и за дербито со Милан, па со суспендираните Лаутаро Мартинез и Азамоа кои добија жолти картони во Франкфурт, Спалети ќе мора да уфрла некои од младинците.
Ситуацијата со Икарди уште е нејасна, така што тој најверојатно ќе го пропушти и овој најважен дуел на Интер во досегашниот дел од сезоната.
Претходно нерегистрирани за Европа се Гаљардини, Жоао Марио и Далберт.
На располагање Спалети ќе ги има: Де Врај, Весино, Кеита Балде, Ранокија, Политано, Борха Валеро, Седрик Соареш, Д'Амброзио, Шкриниар, Перишиќ и Кандрева.
На клупата за резерви би требало да бидат двајца резервни голмани (Падели и Берни), и клинците од младинската школа: Словенецот Мај Рориќ, бековите Ѕапа, Нолан и Корадо, и во среден ред Гавиоли и Скиро'. Вкупно 8 резервни играчи од кои ретко кои има некоја играчка минута во првиот состав.