Би можел да се сними добар филм за Бразилецот кој го памети секој љубител на италијанската Серија А. Филм за детето кое сакало да игра со топка во Италија за да избега од сиромаштијата.
Лето 2002: Ериберто да Консеисао Силва, десното крило од Бразил, роден 1979 година, штотуку ја заврши својата втора сезона во Киево каде тренер му беше легендарниот Џиџи Делнери со белите мустаќи.
Во таа 4-4-2 формација која што тренерот од Фриули ја постави, Киево не се шегуваше нималку. Ги победуваше големите клубови од Италија и заврши петти во лигата (на бод од квалификации за ЛШ). И сево ова како нов прволигаш во А. Манфредини (сигурно го паметите со плетенките) од лева, Ериберто од десна страна, а во напад Коради и Масимо Марацина. Во средниот ред Корини и Симоне Перота. Екипиште!
Но по двете фантастични сезони, за да преживее, клубот мораше да ги продава најдобрите играчи. Ако пред пар години претседателот на Киево Кампедели од Болоња за 5 милијарди лири купи сомнителен Бразилец кој мрзеливо се влече по теренот и промашува невозможни шанси, сега тој Бразилец оддеднаш вреди 18 милиони евра колку што дава Лацио за него.
Ериберто во тој момент важеше за најбрзиот играч без топка во Серија А. Имаше само 23 години: роден е на 21 јануари 1979 година, така му стоело во личната карта.
Серџо Крањоти, творецот на најголемиот Лацио во историјата му ставил на масаа богат договор од 5 години (во пакет со Ериберто во Рим дојде и Манфредини за кого Лацио потроши 6 милиони евра). И кога се требало да биде совршено добро за клубот од „Олимпико“, Ериберто му ја здувнал. Избегал во Бразил, наводно со дозвола од Киево.
Но единствениот кој имал право да зборува во негово име, менаџерот Педрињо објаснил дека фудбалерот има сериозни лични проблеми: „Ериберто се сретна со своите адвокати во Бразил и заедно со нив подвлекоа линија по која ќе одат.“
Сите биле збунети од епилогот кога се дознало дека Ериберто за целиот престој во Италија користел лажни документи.
На 22 август 2002 година, Ериберто „се роди“ по вторпат, овојпат како Лучано Сикеира де Оливеира. Следувала потресна исповед дека зад жалната приказна се криело дете раснето без родители коешто работи за да преживее и слуша погрешни луѓе само за да го оствари сонот:
„Моето право име е Лучано не Ериберто. И немам 23 години, туку 26“. Мистеријата решена.
Го казнија 6 месеци (казната од година дена му беше намалена поради признание на играчот и поради изразено каење), така што трансферот во Лацио пропадна и следната сезона во албумот Panini го најдовме во Киево но не како Ериберто туку како Лучано.
Се открила и цела позадина на приказната: Живеел во Рио де Жанеиро, имал 20 години и сакал да стане фудбалер по секоја цена. Во 1996 година го запознале со некој менаџер кој му препорачал да лажираат документи (украдени од некој жител на Рио кој подоцна го тужел Ериберто.
Две години откако ги лажирал документите се нашол во Болоња во Серија А. Од денешна перспектива вели дека се кае што направил глупост.
„Како поминува времето се повеќе си поставувам прашања. Можев да одам во Лацио и да заработам грдни пари, но не можев да се носам со тежината на лагата. И сакав син ми да може да го носи моето име“, заклучува Бразилецот кој блескаше во „Летечките магариња“ од Верона.
По сите перипетии Лучано на крајот заврши во една од најголемите екипи, Интер, во летото 2003-та но без да покаже нешто од талентот што го демонстрираше три години претходно. Во јануари 2004 се врати во Киево каде остана уште цели 9 сезони! Играше до 37 години, вистински 37 години.