Играч кој не може да не го сакате

Патот на Џузепе Роси, детето кое спиело во дресот на Шевченко

Еден од најдобрите италијански фудбалери тргнал од Америка, земја во која емигрирале неговите баба и дедо со брод од Италија во ’60-те години. Го исполни својот и сонот на татко му, да ја носи капитенската лента на Аѕурите.

Детство
 
„Станувај ајде, заспа, ќе почне“. Дента Милан играл попладне, а Фернандо го будел син му. Бил 1. март 1992. година, Милан играл против Аталанта и на почетокот паднала петарда пред голманот Ферон.
„Уште сакаш да бидеш голман“? - го прашал татко му малиот Џузепе. Гледаш како оди?“. Гулит пробил по десна страна и шутирал неколку сантиметри над голот. „Тато сакам да бидам како Гулит! - За тоа ќе треба да пуштиш мустаќи“, му рекол Фернандо. Лидерот губел 0-1 кога Марко ван Бастен за шест минути постигнал хет-трик и Милан победил. „Мислам дека фризурата на Ван Бастен подобро ќе ти стои“.
Следната пролет, на 28 години Ван Бастен ги играл последните натпревари за Милан, а болката во десната нога станала неподнослива. Потоа заминал и Руд Гулит, и синот на Фернандо Роси имал нов ориентир - Роберто Баџо.
 
За семејството Роси поубаво било да се гледа СП 1994 отколку Серија А. Се играло во Америка, полуфинале против Бугарија каде Баџо даде два гола. Наскоро Роби станал омилениот играч во омилениот клуб на малиот Џузепе кој дал 108 гола на школските натпревари.
„Заслужи подарок за таква сезона сине. Што сакаш? - Црвени копачки. Како на Жорж Веа“, одговорил Џузепе во чија соба висел постерот на Веа и Баџо. Во есента 1996. година на еден натпревар, Веа ја зема топката од својот гол против Верона, претрча четворица играчи и го даде најубавиот гол во ’90-те години во Италија.

Џузепе се обидувал да го повтори трикот, но често ја губел топката на пола пат. „Само да знаеш дека Веа им избега во 85. минута од меч во Серија А, не на турнир во американско школо"- му рекол татко му. Да даваш такви голови не е потребно да имаш само црвени копачки. - Е што друго треба? - Треба да играш во Италија, а не во САД.
Фернандо Роси и самиот играл во Италија, но рано неговиот татко во средината на '60-те години емигрирал со мајка му и сестра му во Америка - три недели со брод.
 

Татко му на Џузепе Роси дал десетина голови за школото Патерсон а потоа и за универзитетот Конектикат, но тоа не било тоа. Фудбалски останал во Италија, и во Патерсон слушал радио пренос од натпреварите. Ги чекал како празник, ги собирал пријателите со радиото на хаубата, слушале, фантазирале а подоцна до сабајле се објаснувале кој е подобар Нерео Роко или Еленио Ерера, Џиџи Рива или Пјетро Анастази.

Италија

Фернандо наскоро предавал италијански и шпански во школо во Клифтон, а паралелно ја тренирал и школската екипа. Наскоро методите на работа му биле распространети низ целата земја.

Кога веќе направил сè, најголем предизвик му станал 13-годишниот син со кој преку Милано патувал за Парма. „Тато дај да купам дрес од Шевченко!, викал малиот Бепе на аеродромот Малпенса. -Што ќе правиш со него во Парма? -Ќе спијам!".

Џузепе го обожувал Милан и се вљубил во неговиот нов лидер за неколку месеци. Фернандо не покажувал, но во себе се радувал за син му. Најголемиот сон му било син му еден ден да игра за Аѕурите. Џузепе заиграл за Парма, но и за јуниорската репрезентација на Италија каде биле и Кандрева, Џовинко и Десена кои го викале новиот Џанфранко Ѕола, великанот на Парма од средината на '90-те.

Татко му го викале назад во САД, но тој откажал и работата му ја препуштил на својот помошник Џо Веспиани. Фернандо не го тренирал син му во Парма, но секој ден го гледал и подоцна зборувал со него. Во Италија немало малку таленти и требал да го следи неговиот развој.

„Имам 50 години, ослепев од илјадници туѓи деца, а денес сакам да се посветам на едно - на својот син. Што е неговата судбина е и моја и немам поважна мисија", рекол Роси постариот.

Наскоро го поканиле во Куќата на славните во Клифтон каде морал да се врати. Се договориле: На еден месец да се врати во САД, а во Парма да се преселат жена му Нилда и ќерката Тина. Да се остави Џузепе без родители на таа возраст е ризик - инаку би облекол дрес на Шевченко и би се преселил на Сан Сиро.

Најтешко ѝ било на Тина, хиперактивна девојка која ги оставила сите другарки во Њу Џерси, не можела брзо да најде нови во Парма а италијански не знаела воопшто. Но главата на семејството решил дека главна е кариерата на Џузепе и мора да се почитува таа одлука.

Тина паднала во депресија, но набрзо го совладала италијанскиот и му помагала на брат ѝ во школото. Во октомври 2008. година Џузепе дебитираше за Италија под бројот 17: роденденот на сестра му.

Манчестер Јунајтед

А до репрезентацијата - две години помина во Англија. Школото го заврши во Манчестер во ист клас со играчите на Јунајтед. Во првите денови во базата на клубот во Карингтон му викале: „Толку си мал Бепе, некој ако те закача да се јавиш".

Роси бил свесен дека нема многу место за него покрај Руд ван Нистелрој кој за Јунајтед даде преку 100 голови. Дебито на младиот Италијанец во Премиер лигата беше против Сандерленд кога го замени Вејн Руни. Манчестер водеше 2:0, а за десетина минути Џузепе со лева од 20 метри постигна ефектен гол и во еден момент врз него скокаа 10 луѓе: Фердинанд, О'Ши, Бардсли, Силвестре, Роналдо, Смит, Сколус, Руни, ван дер Сар.

И Ван Нистелрој скокнал од клупата кон теренот, а Фергусон само промрморел: „Ова е премногу". Роси давал голови за резеврниот тим на Јунајтед, а Ферги му рекол: „Силните одбрани ќе те научат дека одиш само во лево, фокусирај се малку и на десната. Мора да бидеш непредвидлив".

Во првите недели на Роси постариот му било досадно во Манчестер, но нашол друштво во италијанскиот ресторан каде бил омилен гостин, особено после голот на Џузепе против Сандерленд. Во есента 2006. Роси отиде на позајмица во Њукасл каде имаше слаб период: Нула голови, чуден стил, глупави тренинзи, 15. место.

Во средината на декември Њукасл гостуваше на Стемфорд Бриџ, а Џузепе после мечот го смени дресот со Андреј Шевченко.

Репрезентација

Во меѓувреме го викале да игра за САД на СП 2006, но тој изјавил дека во него тече италијанска крв, го избрал потешкиот пат и дека се одлучил за Италија.

Година дена подоцна заигра на младинското У21 ЕП - селекторот Казираги го викна во составот каде биле 2-3 години постари играчи. Во третиот натпревар Џузепе го истиснал Паладино од тимот, дал гол против Чесите, но Аѕурините изгубиле во полуфиналето и во дополнителен меч за 4. место и пат на Олимпијада играле против Португалија.

Џузепе заиграл од стартот, но на 15 минути до крајот го заработил првиот и последен црвен картон во кариерата. „Noooooo“ се слушна до камерите а Роси плачел 10 минути. На крајот пенал-серија од која како победник излегла Италија.

Најдобриот стрелец на тоа ЕП, Масео Рихтерс после пет години ја заврши кариерата, најдобриот играч Ројсон Дренте играше во Реал Мадрид и заврши во ОАЕ, а Роси одлета на Олимпијадата во Пекинг каде играа Меси и Роналдињо, а тој се сликаше и со Хајле Гебресиласие и Пау Гасол.

По враќањето во Парма, следуваше нов предизвик: Виљареал. Решиле со татко му дека Пелегрини е идеален тренер за него, а доказ за тоа се головите на Роси за три сезони (13, 15 и 17). Наскоро го даде и првиот гол за сениорската репрезентација, на пријателската против С. Ирска.

Марчело Липи го викна и за Купот на Конфедерации и го внесе во игра на третиот натпревар кога Италија губеше 0-1. Роси со два гола направи пресврт. Противник тогаш беше САД.

 

Падот во животот и кариерата

Во февруари 2010. година Роси испадна од составот на Виљареал. Летал во Клифтон на погреб на татко му кој неколку години се борел со ракот. Без Џузепе, „Жолтата подморница" загуби од Волфсбург 1-4 во Лига Европа и 2:6 од Реал Мадрид во Лига.

Во локалната црква, Џузепе се сеќавал кога татко му се вратил во САД и влегол во Куќата на славните, кога мама и Тина му се јавиле од Парма и му ја нарачале на радио омилената песна - My way од Френк Синатра.

Следната сезона, по смртта на татко му, Џузепе Роси постигна 32 гола за Виљареал. Неговиот татко не станал фудбалер каков што мечтаел да стане во детството, но син му успеал.

После шест месеци Бепе се врати во репрезентацијата на Италија и тоа како капитен на мечот против Романија. Фернандо бил еуфоричен по италијанскиот фудбал, но долги години го слушал само на радио. Ја прекинал успешната тренерска кариера за да му направи успешна кариера на својот син кој сега го држи знаменцето на центарот од теренот како капитен на Италија. Ќе му каже ли некој на Фернандо?

„Како си?" - го прашал Флорентино Перес под трибините на Бернабеу. „Добро сум, можев уште да играм, но тренерот реши да ме извади", одговорил Џузепе по мечот со Реал. Утрото дознал дека ги повредил вкрстените предни лигаменти, фатална повреда која долго ќе го оддалечи од терените.

По шест месеци тешки маки, во јануари 2013. година претседателот на Фиорентина, Андреа Дела Вале го купи договорот на Роси за 10 милиони евра. „Ова е голем момент, не само за навивачите, туку и подарок за италијанскиот фудбал". Иако не беше јасно кога и дале воопшто Роси ќе биде оној стариот, но Дела Вале ризикувал.

Есента Роси одигра пет меча и постигна пет голови а потоа во Фиренца гостуваше Јувентус и Џузепе даде два преубави гола пред полувремето.

„Роси немаше добро прво полувреме. Мислев да го заменам, затоа што имаше проблем со грбот", призна после епската победа од 4:2 тренерот Монтела. Не само што не го замени, туку во вториот дел тој го комплетираш хет-трикот на мечот.

До крајот на сезоната Џузепе постигна шест гола, се врати во репрезентацијата после две години пауза, даде гол против Нигерија, но за пет месеци пред Мундијалот во Бразил повторно ги повреди предните вкрстени лигаменти. Тогаш му се јавил Баџо. Роберто Баџо! Му рекол дека пред 20 години исто се повредил пред почетокот на Светското, но се опоравил и ја одвел Италија во финалето.

„Да, го паметам тоа, го гледав тој меч", се насмеал Џузепе кој се јавил кај мајка му и ѝ рекол: Сто пати да погаѓаш, нема да погодиш со кого зборував сега". Како дете.

Роси се опорави, но Чезаре Прандели во последен момент го исклучи од составот. Во септември 2014 следуваше нова операција на коленото, вкупно петта во три години. Ја пропушти цела сезона, прифати намалување на платата, а лани зимото се пресели во Леванте да ја крене формата пред почетокот на Европското летово. Таму на приемот го гушкаше еден 80-годишен дедо кој се расплаче за Роси. Постигна шест голови досега, неговиот гол го лиши Атлетико од титулата минатиот викенд, но Леванте остана последен на табелата.

Летово или ќе се врати во САД каде се мајка му и сестра му во станот на Менхетен со поглед на Empire State Building, или ќе остане во Европа. Поточно во Лион, Тулуз, Лил, Париз...