КАКО МОРГАН СТИГНАЛ НА ОЛД ТРАФОРД?
Интересно, токму Норман Дејвис, стариот кабинер на екипата го викнал Морган да работи во Јунајтед.
Норман, стариот кабинер почнал да работи уште во ’70-те години, неколку години откако тренер на екипата станал Алекс Фергусон. На иницијатива на Норман Дејвис се појавила и официјалната позиција kitman (човек задолжен за опремата и дресовите на играчите).
Норман на времето учествувал во една од најкултните епизоди во англиската Премиер лига во ’90-те години - го одвоил Ерик Кантона кога овој рипна и го удри навивачот на Кристал Палас Метју Симонс. Норман направил сè што е можно да го задржи Французинот, но овој бил толку бесен што му избегал од раце и го направил култниот кунг-фу удар. Оттогаш Норман во екипата го завикале „вазелин“.
„Веќе бевме во соблекувална, но Кантона сакаше да се врати и уште неколку пати да го удри тој навивач на трибината. Јас затворив врата и кажав дека ќе пројде само преку мене мртов“, раскажал подоцна Норман Дејвис кој му налил чај на Кантона за да го смири.
Набрзо потоа Норман Дејвис заминал во пензија. Со Алберт Морган се запознал уште пред Манчестер Јунајтед, во фабриката на Ford. Морган вели дека целата работа се решила со еден телефонски повик:
„Еднаш ми се јави и ми кажа: ’Довлечкај го газот кај мене дома. Јас завршив и сега ми треба некој на кого можам да му ја предадам работата. Во тебе имам доверба, те познавам и знам дека си мрзелив и ќе се справиш.“
ШТО Е ДОЛЖНОСТА НА КИТМЕН/ГАРДЕРОБЕРОТ?
Во интервју за MUDSA, Алберт Морган раскажал дека улогата китмен е напорна работа. Треба да се грижи за целокупната клупска опрема: дресови, шорцеви, клупски одела, се треба да биде испрано, испеглано и рамномерно здиплено.
Морган секако дека работите не ги пере на раце, во клубот има многу машини за перење и разни други чуда на технологијата, но и тоа е процес кој треба да се контролира.
„Многу е важно жената и семејството да имаат разбирање за оваа работа. Ти буквално живееш на работа. Спиеш на работа, јадеш на работа. Се случувало да излезам од дома во понеделник и да не се вратам до сабота“, вели Морган.
Алберт не е сам во работата. Во Јунајтед цел тим луѓе работат за гардеробата на сите категории. Еден одговара за првиот тим, друг за опремата на младинците, трет за кадетите итн. Притоа гардеробер не значи само средување на опремата на екипата туку многу повеќе:
„Кога почнав, сфатив дека за оваа професија треба да знаете сè за играчите, за нивните семејства, личниот живот, за нивните жени, девојки итн. Фудбалерите ми беа како деца, со нив изградив таков однос. Колку од нив плачеле кај мене кога заминувале од Манчестер. Тоа ми е најтешко во работата. Кога со некој ќе поминеш толку време секојдневно, ти станува како семејство“, вели Алберт Морган.
ФЕРГУСОН МНОГУ ГО САКАЛ И МУ СЕ ИСПОВЕДАЛ
Морган секогаш имал одличен однос со сер Алекс. Двајцата сметале дека чистата и средена клупска опрема е многу важна за екипата.
„Кога дојдов во Јунајтед, имаше многу неуреден однос кон многу нешта па така и кон опремата во која играчите одеа на натпреварите. Облекуваа било каква спортска опрема од техничкиот спонзор: Reebok, Puma или adidas. Веднаш побарав да патуваат во сакоа, одела и кошули“, пишува Фергусон во својата автобиографија.
Алберт Морган бил еден од првите на кој легендарниот Шкотланѓанец во 2013-та му кажал дека ќе си оди од клупата на Манчестер.
„Ми се јавуваше пред големите натпревари, како што се дерби дуелите да ме праша кој состав јас би го играл. Јас му кажував кого би ставил, се смеевме а потоа знаеше да каже: „подобро занимавај се со дресовите“, се сеќава Морган на однсот со Ферги.
Морган се сеќава и дека во време на Фергусон, Шкотланѓанецот многу внимавал некој од играчите да не „излае“ нешто важно во јавноста.
„Тренерот и целиот клуб се држеа до тоа. Алекс многу пати бараше од мене да им забранам на играчите да внесуваат телефони и да им соберам на едно место во корпата. Така ги држеше сите во тимот. Денес на секоја секунда се користат социјалните мрежи. Смешно ми е кога гледам како играчите прават селфи во автобус, и не само во Манчестер Јунајтед туку и во другите клубови. Порано кога ќе направеа такво нешто, Фергусон урлаше (не сакал јавноста да знае за животот на екипата).“
КРИСТИЈАНО МУ СЕ ЖАЛЕЛ НА ЖИВОТОТ ВО РЕАЛ МАДРИД
Како на многу навивачи, така и на Морган тешко му паднало заминувањето на Кристијано во Реал.
Уште од 2003-та година кога Португалецот на 18 години дојде во Манчестер станале блиски. Морган и Кристијано во 2008-ма година заедно снимале реклама за Nike во која скромниот гардеробер влегува во соблекувална, му дава дрес на Роналдо кој излегува на теренот и дава гол.
Во 2013-та кога Роналдо првпат заигра против Манчестер како играч на Реал, Морган бил еден од првите кај кого Кристијано отишол пред мечот да се поздрави.
Во 2016-та Морган раскажал дека уште се слуша со Рони и дека му ѕвони речиси еднаш неделно. Новинарот на Sky Sports Грем Хантер кажал дека кога на Кристијано му било тешко во Мадрид, често му се јавувал на Морган: „Имало моменти, особено со Жозе Мурињо, кога Алберт добивал повици од Шпанија. Роналдо му се жалел на Морган дека посреќен бил кога играл во Манчестер отколку во Реал.“
МОРГАН ДЕНЕС Е АМБАСАДОР НА ЈУНАЈТЕД
Во мај 2013-та, Алберт заслужено отишол во пензија, во исто време кога заминаа и Пол Сколс и Алекс Фергусон. Морган никогаш не кажал конкретно зошто заминал, но веројатно од здравстени причини, затоа што неколку години претходно имал операција на срцето па работата шест дена во неделата не му била баш лесна.
„Кога нашите поранешни играчи доаѓаат на ’Олд Трафорд’ и се среќаваат со мене викаат: “О, Алберте, па ти си уште жив!“, вели Морган. -Кога го оперирав срцето, дојдоа речиси сите играчи. Еден од играчите ми донесе три различни дрвца и праша од каков материјал сакам да ми биде сандакот. На шега секако. А тоа е добро затоа што се посмеавме а мене шегите ми помогнаа да се справам со тешкотиите.“
Кога завршил како гардеробер, Морган станал амбасадор на Јунајтед. Сега дава интервјуа, оди на настани на кој е поканет клубот и пречекува важни гости.
There is a v important msg to the Sir Alex tmrw from Mr Albert Morgan 🤣⚽️☝🏾V @ManUtd pic.twitter.com/XeHbCQ1uJ7
— Victoria Lopyreva (@LopyrevaVika) August 12, 2017
„Комуницирам со луѓето. Има и патувања но не многу, затоа што на овие години не можам да шетам како некогаш. Имам многу настани, знам да ги веселам луѓето. Горд сум на својата позиција во Манчестер. Само едно ме нервира: кога луѓето викаат дека сум легенда на клубот. Јас не сум легенда. Играчите се легенди, не јас. Но ми се допаѓа кога ме познаваат на улица па ми бараат автограм и ме поздравуваат.“