Гестот со кој високиот фудбалер од средниот ред на Јунајтед и миленик на Жозе Мурињо ги возбуди англиските медиуми е причина да се разгледа неговата биографија.
Деновиве се испостави дека Матиќ во минатото го носел симболот на црвен мак на дресот, но сега пред мечот со Борнмут во саботата се распрашал што конкретно значи и од како му кажале, тој одбил затоа што, како што напиша на Инстаграм, истата таа армија ја бомбардирала неговата земја во 1999-та.
****
Немања Матиќ од Србија заминал на 17 години но никогаш не го заборавил родниот крај.
Репрезентативецот на Србија е роден и израснал во селото Врело кое се наоѓа близу градот Шабац. Мајка му Билјана е поранешна атлетичарка, а татко му Драган е поранешен фудбалер.
Немања веќе неколку години е сопственик на клубот Врело Спорт од родното село. Летово, како и секое лето во изминатите години, дошол во Врело и го гледал мечот од петтата српска лига против Брезовица.
Матиќ важи за најпопуларен српски фудбалер во странство, но во Уб (градчето и општината под кое припаѓа Врело) веќе се навикнати на него и неговиот народен однос.
Тој мирно шетал низ селото, грицкал семки, гледал фудбал и муабетел со мештаните.
„Ние ги цениме неговите дела не само во спортот. Да, тој инвестира во клубовите, но никогаш не заборава на корените, на селото и никогаш нема да престане да доаѓа овде“, рекол летово еден симпатизер на малиот клуб Брезовица.
Покрај Врело Спорт, Матиќ вложува и во клубот Единство Уб во третата лига на Србија каде играл во младоста.
Во Единство Уб (од таму потекнува и Драган Џаиќ) и Врело Спорт работат негови роднини, пријатели и познаници. Како што вели секретарот на Единство, Бранко Матиќ (и покрај презимето тој не му е роднина на Немања), ѕвездата на Манчестер плаќа за работата на 50 жители на Уб.
Пред неколку години Немања донирал за обновување на стадионот на Единство, купил 1.300 црвени столици и нов покрив за едната трибина. Реконструкцијата чинела околу 350.000 евра.
„Кога Манчестер Јунајтед и Единство играат во исто време, тој се јавува веднаш по неговиот меч да дознае што сме направиле“, вели Бранко.
****
Во Србија во 2014-та година имаше страшни поплави во кои животот го загубија 60-ина луже. Матиќ тогаш помогнал со донација за зградите на кризниот штаб во Уб, за пожарната станица, за детските градинки и неколку фудбалски игралишта.
Една од улиците во градот Уб го носи неговото име.
Неодамна во Србија се отвори голема хуманитарна акција за мало дете кое боледувало од ретка болест и за чија операција во странство недостасувале пари. Во прв момент таткото на детето објави дека анонимен донатор дал 70.000 евра, а по извесно време откако медиумите шпекулираа кој би можел да биде донаторот, родителите на малиот Душан објавиле дека Немања Матиќ фудбалерот на Манчестер Јунајтед ги дал парите.
Во Србија, но и на други места сè уште се раскажува за неверојатната хуманост на Матиќ кој секое лето влегува во локалната коперација во селото Врело, ја бара тетратката со должници од продавачот и ги плаќа сите долгови на мештаните.