Матиќ од Челси ја плаќа цела тетратка долгови во родното село

Ѕвездата на Челси, Немања Матиќ никогаш не ги заборавил своите другари од детството од селото Врело во Србија. При секое враќање дома, влегува во коперацијата и од продавачката бара да му ја даде тетратката со долгови за да ја плати цела.

Некои играчи изгледаат толку далеку од општеството и поради успехот и славата ги гледаат обичните луѓе со презир. Животот со богатство и луксуз лесно ги менуваат личностите, па така понекогаш забораваат од каде дошле и како стигнале до таму. Но не и Немања Матиќ, ведетата на Челси кој покажува дека е одличен и надвор од теренот.
 
Немања и натаму има блиски врски со селото во кое што израснал. Мештаните кога тој доаѓа често јадат и пијат на негова сметка. Репортерите на српски Блиц решиле да го посетат селото Врело и да поразговараат со мештаните. Селаните велат дека постои цела листа на луѓе на кои играчот на Челси им помогнал, а се случува и самиот да земе коса и да ја коси тревата во црквениот двор.

„Прво што Немања прави кога ќе дојде во Врело е да дојде во продавницата, да ја земе тетратката со долговите на мештаните и да ги плати сите долгови", вели Љиљана Поповиќ, вработена продавачка во истата продавница.

Селото Врело е на 15-ина километри од градот Обреновац, а Матиќ при секој собир со репрезентацијата или кога е на одмор со семејството доаѓа во својот роден крај.

„Немања не ги плаќа само долговите во продавницата. Тој им излегува во пресрет и на комшиите коишто не се баш во завидна ситуација и никогаш не бара да му ги вратат парите. Пред некое време ги регулираше и коцкарските долгови на своите врсници, и тоа не му беше тешко. Подобро да одите во црквата доле, таму може да ви раскажат за Немања", вели стариот Владета Радовиќ за 24 часа.

Неколку метри подолу од продавницата е и црквата посветена на Свети Никола.

„Матиќ често во интервјата раскажува дека оваа црква е поубава и од Биг Бен. На лето доаѓа со син му, вози точак, играат фудбал тука во дворот. Чешмава пред црквата тој ја подигна. Даде многу пари за неа, а ние му возвративме со иконата на Свети Ѓорѓи затоа што Ѓурѓовден е негова слава", раскажува отец Александар Чосиќ.

Матиќ направил и голем спортски центар во градот Уб, а имал и голем удел во целосната реконструкција на школото во кое што учел. Според многумина школото сега изгледа поубаво дури и од белградските модерни училишта.