Пример за деструктивец од средниот ред е Немања Матиќ од Челси, највлијателниот фудбалер сезонава во Премиер лигата според ЕСПН.
Сепак, Матиќ нема достоен ривал во двата конкуренти од елитата, Ливерпул и Арсенал. Србинот летово дојде во Челси од Бенфика за 21 милион фунти, а англискиот клуб само го врати во екипата, откако пред 3 години го продаде за 6 милиони фунти во Бенфика.
За разлика од Челси, Арсенал потроши 280 милиони фунти од последниот пат кога имаа прав дефанзивен играч во средниот ред и тоа Ласана Диара во 2007. година. Во истиот период, за 8 години Ливерпул потроши 360 милиони фунти од моментот кога го доведе критикуваниот Кристијан Поулсен. Црвените од Енфилд летово купија 9 играчи, но ниту еден класичен DMC (defensive midfielder center).
Кога ќе се сретнат во недела на Енфилд Роуд, Арсенал на споменатата позиција веројатно ќе го има Метју Фламини, кој дојде како слободен играч од Милан. Брендон Роџерс таа улога ќе му ја намени на Лукас Леива, фудбалер кој на два пати беше прогласуван за одвишок во Ливерпул од неговото доаѓање во 2007. година.
Првата титула на Арсенал во Премиер лигата во 1998. година дојде како последица на одличните игри на тандемот Патрик Виера-Емануел Пети. Ливерпул го освои легендарното финале од ЛШ во Истанбул против Милан во 2005. година на пенали, иако на полувремето губеше 3:0. Токму во вториот дел во игра влезе Дитмар Хаман, деструктивецот во средниот ред кој донесе голема промена во играта. Славните денови на Ливерпул следуваа во времето на Хавиер Маскерано и Чаби Алонсо, фудбалери кои се синоним за деструктивци на средината од теренот.
Колку е важна оваа позиција во екипата, покажува и податокот дека Арсен Венгер освоил 3 титули и 8 вицешампионски места за време на 9-годишната кариера на Французинот Виера во Лондон. Арсенал има помалку успеси откако Венгер реши од физикалци да бара техничари.
Во сезоната 1998/1999, Арсенал прими само 17 гола кога Патрик Виера и Емануел Пети доминираа во средниот ред. 4 години подоцна, непобедливиот тим на Арсенал прими 26 голови кога Виера играше во пар со Бразилецот Жилберто Силва. Оттогаш па наваму, „топџите“ примија повеќе од 30 голови секоја сезона, а во последните 4 сезони примија повеќе од 40 голови.
Во 4 сезони под водство на Рафа Бенитез, од 2005/2006 до 2008/2009, Ливерпул во просек во една сезона примаше од 25 до 28 голови. Чаби Алонсо тогаш беше главна карика како последен играч во средниот ред на Ливерпул. Шпанецот си замина во 2009. година, а по него потфрлија Мохамед Сисоко и Лукас Леива на истата позиција.
Тимот на Брендон Роџерс лани прими 50 голови во првенството, најмногу во последните 2 децении. Џерард во последно време ја игра улогата на Андреа Пирло, која е повеќе конструктивна, отколку деструктивна на средината од теренот. Кај Бенитез, Џерард играше пред стоперите и Ливерпул тогаш примаше помалку голови.
Очигледно е дека Брендон Роџерс и Арсен Венгер често не ја гледаат потребата од батлер на средината на теренот. Арсенал досега прими 20 голови, а го чекаат гостувања против Манчестер Сити, Ливерпул, Челси и Евертон. Арсенал можеби изгледа наивно, нешто налик Ливерпул сезонава и тоа е резултат не недостатокот од прав дефанзивец за врска во средината.
Таквите фудбалери имаат кликер и сенс, имаат храброст, но нив ретко ги има на Енфилд и Емирати.