Најпознатите фрази на Чехот

Боемот меѓу тренерите - Зденек Земан

Да бидеш еден од најценетите тренери во Италија а да не си „нивен“ значи само едно: Да се викаш Зденек Земан, човекот кој правеше чуда со Фоџа во ’90-те години, а ги тренираше и римските гиганти.

Боемот, како што го викаат во Италија во својата долгогодишна кариера (денес полни 70 години), водеше повеќе од 14 клубови меѓу кои и белградска Црвена Звезда каде таа полусезона се затекна и нашиот репрезентативец Иван Тричковски кој за Земан изјави дека не видел тренер кој толку ги „исцедува“ играчите на подготовките како него.

Чехот, роден во Прага а фудбалски школуван во Италија е еден од ретките кои ги водел и Лацио и Рома, и никогаш немал влакна на јазик, особено не на сметка на Јувентус. Неговите екипи се познати по ултра-офанзивна постапка и многу напаѓачки стил на игра.

НЕГОВИТЕ НАЈПОЗНАТИ ФРАЗИ НИЗ ГОДИНИТЕ:

„Образованието не се купува како натпреварите“, алудираше Земан на навивачите чии екипи беа казнети поради местење судии а кои го навредуваа Зденек јавно.

„Не бројам колку цигари сум испушил секој ден, затоа што ќе се изнервирам и ќе пушам повеќе“, сигурно еден од најпознатите цитати на Земан.

„Преферирам секој играч да даде се од себе. Ако не победиме, ништо страшно. Доволно ми е играчите да го дадат максимумот“, Зденек секогаш на прво место го имал убавиот фудбал пред резултатот. Најважно според него е публиката да се забавува на трибините и дома.

„Ретко ми доаѓа да кажам лага. Затоа се чуствувам сам. Во овој свет како нашиов се кажуваат многу лаги“ - филозофијата на боемот за вистината е безусловна. Дури и по цена да се остане сам.

„Не е важно колку трчаш, но каде и зошто трчаш“ - Чехот секогаш бара од играчите да играат со мозок.

„Во кариерата имав многу непријатели. Ако, подобро така, затоа што тие ме мотивираат“ - од непријатели и критичари на неговиот систем на игра Земан имаше многу во кариерата, но никогаш не се повлече пред нив и на теренот и надвор од него.

„Во фудбалот веќе нема симболи затоа што го водат политиката и парите“ - Земан за илузијата за романтизмот во фудбалот.

„Нема ништо нечесно во тоа да се биде последен. Подобро последен отколку без образ“.

„Татко ми сакаше да бидам лекар. Како него. Фала Богу што не се случи тоа“, - анегдота од минатото на Земан.

„Не е точно дека не сакам да победувам. Само сакам да победувам почитувајќи ги правилата“, - Земан и неговата спортска етика.

 „Мојот фудбал е предвидлив? Будалаштини. Што знаат моите колеги за шемите на Земан?“ - тренерот на Пескара за критиките за неговиот систем од колегите.

„Фудбалот секаде и секогаш е ист, дали на мал терен на село или на голем стадион во голем град, теренот е секогаш ист за сите“ Земан по преминот од Фоџа во Лацио.

„Секојпат поразените учат повеќе од победниците. Мислам дека им дадов нешто повеќе и нешто поинаку на навивачите“ - Земан после отказот од Лацио.

„Би требало да зборувам за уметност, за политика и за економија. Јас сум човек од фудбалот, но ако дојде новинар кај мене по одговор, доаѓа затоа што сака да слушне компетентно мислење. Надвор од фудбалот јас сум како и секој друг човек и моето мислење е како и тоа на секој селанец“, искрен е Земан.

„Јас тренирам, ама не можам да се симнам на теренот и да играм“.

„Како мал во Прага ми велеа: „Оди на таа позиција“ а никогаш не велеа: ’Чувај го тој човек’. Од тој ден сменив идеја и од тогаш го смислив мојот начин на игра. 

12 мај 2017 - 16:30