Барселона првпат после 16 години без свое дете во составот

Валверде реши на терен од прва минута против Селта Виго да пушти една Барселона без играч од сопствената академија, нешто што не се случило уште од далечното гостување во Баскија пред цели 16 години.

За да се најде кога Каталонците последен пат истрчале без свое дете треба да се листа архивата наназад и да се стигне до 6. април 2002 година: Атлетик Билбао - Барселона, 33. коло од Ла Лига.

Тогаш на клупата на Барса седеше Карлес Рексач кој за ова гостување на „Сан Мамеш“ се реши да ги пушти првите 11: Бонано, Рајзигер, Кристанвал, Абелардо, Коко, Рошембак, Коку, Луис Енрике, Ривалдо, Савиола, Марк Овермарс. Прва постава во која немаше ниту еден „изданок“ од школата „Ла Масија“. ’Блауграна’ тогаш победи со 0:2.

На 17 април 2018, 16 години подоцна Барселона синоќа гостуваше во Виго против Селта - и што е необично, пак во 33 коло од Ла Лига.

Тер Штеген, Семедо, Јери Мина, Вермален, Диње, Гомез, Паулињо, Кутињо, Денис, Алкасер, Дембеле: Ернесто Валверде се одлучи за овие 11 меѓу кои немаше ниту еден производ на Ла Масија.

Од оние кои допатувале во Виго и истрчаа на теренот на „Стадио Балаидос“ само Денис Суарез во минатото одиграл неколку средби за Барселона Б но тој претходно фудбалски созреал во младинците токму на Селта Виго и извесен период во Манчестер Сити.

Селта Виго и Барса синоќа ремизираа 2:2 а гостинскиот тренер се реши да ги измеша картите зошто му се приближува финалето на Копа дел Реј против Севиља. И критиките на сметка на Валверде кој пред неколку дена го сруши рекордот на непоразеност во шпанска Ла Лига, беа неизбежни:

„Пред шест години блескавме од гордост кога на терен од прва минута заиграа 11 canterani (деца од академијата на Барселона). Сега мислам дека нема зборови со кои би можел да се критикува Советот на директори во Барселона“, напишал на Твитер Марк Кросас, некогашен талент во школата на Каталонците.

***

Уште пар куриозитети од мечот Селта - Барселона:

- Марк-Андре Тер Штеген синоќа за првпат стана капитен на Барселона;

- Барса стана првиот тим во историјата на Ла Лига кој не бил поразен на 33 меча по ред и го сруши рекордот кој го држеше Реал Сосиедад од сезоната 1979/1980 кога 32 меча по ред немаше поразен;

- Серхи Роберто доби црвен картон и тоа беше прв црвен за Барса во Ла Лига од лани кога Нејмар беше исклучен против Малага зошто иронично му аплаудираше на судијата во лице;

- Вториот гол за Селта Виго синоќа го постигна најдобриот стрелец на екипата Јаго Аспас кој погоди со рака но не забележија ниту играчите на Барселона ниту судијата:

- Тоа беше 20-ти гол за Јаго Аспас сезонава со 5 асистенции за гол. Јаго стана првиот играч на Селта после 62 години кој постигнал најмалку 20 гола во една сезона од Примера. Претходно тоа му тргнало на Мауро Куеста кој во сезоната 1955/56 постигнал 24 погодоци.