Весникот за време на снимањето на „Смислата на животот" известил за инцидент во кој Клис, изнервиран што почнало да врне на сетот, им се обратил на групата статисти облечени како зулу воини со зборовите 'Кои од вас, копилиња, заиграл танц за дожд?' (по наше - додоле).
По ова следела апсурдна преписка помеѓу Клис и уредникот на весникот, Кенет Донлан. Најтешко е да се расправаш со некој кој нема смисол за хумор. Џабе нашиов се мачи да сврти на смеа, „Сан“ си е сериозна фирма.
август 1982
Џон Клис до уредникот на Сан
Почитуван господине,
За жал морам повторно да приговарам! Се надевам ова нема да прерасне во навика.
Во петокот известивте за една чудна ситуација која се случи во текот на снимањето на Монти Пајтон во Шкотска минатата недела. Но во третиот пасус од крајот на приказната, велите „И долгоногиот Клис скокна пред статистите и праша - Кој од вас копилиња изведе танц за дожд?
Ова е тотална измислица на вашиот новинар. НИкогаш не го спомнав изразот 'танц за дожд', ниту пак им се обратив на статистите со 'копилиња'.
Така, мојата прва основа за жалба е дека изреченото е сосема неточно. Второто е, дека во Велика Британија, каде постојат расни тензии, на мојата кариера не и' помага ако некој ми припише коментар кој многумина би го протолкувале како расистички.
Знам што се случи. Јас сум откачен луд комичар, а вашиот новинар ја смислил зафрканцијата и ми ја припишал мене. Тоа е можеби ситница но е крајно непрофесионално.
Се надевам се согласувате
Ваш,
Џон Клис
Уредникот на Сан до Џон Клис
23.08.1982
Почитуван г-дин Клис,
Жал ми е што моравте да ни пишете со жалба во однос на еден од нашите текстови.
Го испитав случајот со споменатиот новинар. Тој вели дека коментарите ги пренел верно и во нивниот соодветен контекст. Тој додава: „Забелешките не се однесуваа на некоја расна група и беа генерално изговорени со фрустриран глас". Се надевам дека оваа опсервација ви помага да отргнете каков и да е впечаток дека приказната дава расистички тон на вашиот коментар. Тоа не е случај, и сите во нашата канцеларија постојано сме потсетувани на неопходноста да избегнуваме нанесување болка на кој и да е дел од нашата заедница, особено малцинствата.
Со добри желби кон вас и сите во Монти Пајтон.
Ваш,
Кенет Донлан
(тука прескокнуваме еден чекор од преписката, и преминуваме на следниот)
Џон Клис до уредникот на Сан
октомври 1982
Драг г-дин Донлан,
Благодарам за вашето писмо.
Кукавицо!
Ме прашуваш како да го решиме проблемот. Па проблемот е тоа што, кратко кажано, твојот новинар лаже-суши (што е малку непријатно, ако ти е сува устата).
Имам 60 сведоци. Како да ги употребам да те убедат? Треба да ти пишат секој поединечно, или список потписи на едно писмо би било ок?
Стварно се надевам дека можеме ова да го решиме пријателски.
Срдечно,
Џон Клис
П.С. Се надевам немаш ништо против оваа преписка да влезе во книгата за снимањето на филмот.
П.П.С Еден мој известувач вели дека неодамна си бил виден како трчаш гол по Флит Стрит и викаш: „Енох Пауел има стаклена нога". Да не случајно ги искривува фактите?
Уредникот на Сан до Клис
14.10.1982
Почитуван г-дин Клис,
Нашиот известувач се држи до неговата верзија на настаните и сметам дека веќе нема потреба да придонесувам кон нашата размена на гледишта.
Морам да додадам дека не сакаме оваа кореспонденција да биде вклучена во Монти Пајтон книгата за филмот.
Срдечно,
Кенет Донлан
* Нормално, преписката сепак била ставена во книгата...