Зошто не е можно да се чита во нашиот градски превоз?

Од време на време на социјалните мрежи се појавуваат фотографии од земји и култури каде има чуден обичај луѓето да читаат книги, во метро, трамвај, автобус. Придружниот коментар обично се однесува на нашиот примитивизам и неначитаност. И не дека не. Ама има и други, многу попрактични ограничувања.

Да речеме дека вашата секојдневна дестинација покрива барем половина Скопје (пример од Карпош до Гази Баба). И да речеме дека со големо задоволство тие половина час - 45 минути во автобус би ги поминале во читање книга наместо зјапање во мобилен или гледање низ прозорец. Зошто една ваква активност би била „нормална“ од Москва до Сеул, а не би била во Скопје?

Покрај она стандардното, дека немаме „читачка култура“, во одбрана на оние кои сакаат да читаат ама сепак тоа не го прават во градскиот сообраќај, еве неколку објаснувања зошто.

ГУЖВА Е

Под „гужва“ мислиме на ситуација во која стоиш на една нога, со и онака зафатените раце (ќеси, телефон за да не ти го украдат од џеб), се држиш за каква и да е цврста површина наоколу што не е друг човек и единствената мисла ти е некој да се сети да отвори прозорец за да влезе малку воздух. Ситуација особено карактеристична за вторниците, петоците („пензионерските денови“) и „шпицовите“. Физички невозможна за држење книга, а камоли за нејзино читање. Особено ако сосе неа треба да се извадат и соодветни наочари, со + диоптер.

МОРА ДА СИ НА ШТРЕК

„Штрекот“ се однесува и на она што се случува внатре, но и на она надвор. Автобусите целосно покриени со реклами врз прозорците имаат некаква „мрежеста“ покривка, која комбинирана со зимска скопска измаглица и/или темница подразбира дека да се симнеш на вистинската станица е повеќе работа на интуиција, отколку на реална свест за сопствената географска локација во моментот. Така, потенцијалната зачитаност значи дека може наместо на Симпо да се симнеш во Хром, и да се чудиш кај си. Затоа втренчено гледаш низ прозорец наместо да гледаш во книга.

ОКОЛУ ТЕБЕ ЗБОРУВААТ НА МОБИЛЕН

„Зборуваат“ не значи „Е, за 5 минути сум таму“ или „Завршив работа“. Ова се дијалози од епски пропорции во кои дознавате сè за социјалниот живот, ставовите и интимните проблеми на зборувачот, а богами и на неговиот невидлив соговорник. Ако сте во добрите, ова може да е алтернатива на читање, во смисла на слушање аудио книга, чија целосна содржина може креативно да ја конструирате врз основа на она што во моментот ви се одвива пред уши. Ако сте во лошите, ја пуштате музиката на слушалки на најјако. Во секој случај, не читате.

„ПА УШТЕ И ЌЕ МИ ЧИТАШ“

За да илустрираме дека дури и да е физички возможно да се чита, на тоа во нашиот градски превоз во најмала рака би се гледало неблагонаклоно и како знак на ароганција, ќе раскажеме една случка. „Двојка“ на спрат, направена за ситни Кинези. На долниот низок плафон, и крупен маж кој мора цело време да стои со поднаведната глава, очигледно тензичен поради тоа. Неверојатна гужва и „мрежест“ (неотворен) прозорец од точка број 2. Па точно и да сме стигнале до Албукерки никој не би знаел за тоа.

Во еден момент се отвара вратата и жена се обидува да се пробие викајќи „Излаз, излаз!“. На тоа крупниот реагира - ДО СЕГА СЕДЕШЕ, СЕГА САКАШ ДА ИЗЛЕЗЕШ, КАЈ ГО ИМА ТОА?!

Таа одговара - Е ДОБРО ДЕ, СЕДЕВ, НЕ ДЕКА ЧИТАВ КНИГА!

Е, затоа читањето во градски превоз е нормално во некои паралелни универзуми, ама не и во нашиот.

(метро во Сеул, Јужна Кореа)

3 декември 2018 - 16:59