Праксата на интонирање химна пред филм во Индија датира од 1960-тите и траела отприлика две децении, по што паднала во заборав. Досега всушност и не постоел федерален закон кој би ги покривал сите 29 држави, туку секоја од нив си имала свои правила на оваа тема. Но според новиот закон, химната мора да ечи во сите кино сали на потконтинентот, придружено со слика на индиското знаме. Исто така, вратите во текот на интонирањето мора да бидат затворени, за да спречи влегување или излегување на луѓе и оттаму непочитување на химната.
„Луѓето треба да престанат да следат индивидуални идеи за слобода и да имаат чувство на посветен патриотизам“, изјавил еден од судиите.
Ставовите во моментот кога беше донесен законот беа поделени, но многу бргу се почувствуваа нуспојавите - напади на хендикепирани луѓе кои и да сакаат не можат да стојат (а законот најпрвин не содржеше амандман за нив), тепачки помеѓу публиката доколку некој од гледалиштето не сака да стои (и странци и домашни), и земање на правдата во свои раце од страна на радикалните десничари кои почнале почесто да одат на кино само за да пријават или на лице место да се пресметаат со оние кои не го почитуваат законот.
Практичните маани на оваа одлука се особено видливи на меѓународни филмски фестивали на кои се прикажуваат и по десетина филмови, па жиријата и гостите мораат да стојат исто толку пати на нозе пред секој филм.
Сега филмски љубители од историскиот град Кодунгалур од индијската држава Керала, позната по тоа што во неа постојат повеќе од 60 филмски клубови, организираат петиција за укинување на овој закон. Друштвото е старо 47 години, има 175 членови кои плаќаат годишна чланарина за да можат неделно да гледаат филмови кои вообичаено не играат во кино-салите (не Холивуд, и не Боливуд). Друштвото организира и филмски фестивал, курсеви за филм и театарски претстави. Во петицијата тие наведуваат дека во кино се оди заради различни причини, главно заради забава, и дека тие не се места каде што е соодветно да се изразуваат чувства на национална почит. Освен тоа, ако денес се бара од публиката да се стои, можеби следно ќе се бара никој во кино да не оди со бермуди или во влечки, за да не излезе дека со тоа ја навредува химната.
Расправата за можните измени или укинување на контроверзниот закон е закажана на 9 јануари. До евентуалните промени Индијците ќе мора уште да стојат пред проекција доколку не сакаат да завршат натепани или во затвор.