Резултатите од матурскиот испит во Романија имаат големо влијание врз иднината на учениците и нивниот упис на факултет, па пред главниот настан во јуни тие имаат и подготвителен тест. За време на оддржувањето на тестирањата во 2016 онлајн речникот на романски јазик DEX забележал зголемување на бројот на пребарувања за одредени зборови, кои се појавуваат во прашањата на тестот. Иако не се дозволени телефони и други апарати, и учениците не би смееле да консултираат речник, очигледно голем број од нив го прават токму тоа за време на тестирањето.
Во март администраторите на речникот, токму во терминот за тестирањето, одлучиле да ги земат трите најчесто пребарувани зборови и сосема да ги променат нивните дефиниции. Така романскиот збор pretutindeni, кој значи „насекаде“, тој ден на сајтот значел „вечно или засекогаш“, додека глаголот zări, кој значи „забележува“ (некого или нешто) е променет со значење „брза“.
Пред 9 часот кога почнало тестирањето имало само неколку пребарувања на овие зборови, но набргу нивниот број пораснал на стотина. Третиот променет збор воопшто не бил во тестот, а неговата популарност се должела на блог пост на влијателен романски автор. Секој оној кој го пребарувал тој ден и наишол на погрешна дефиниција, според речникот, е „жртва на несреќна коинциденција“.
Потегот, иако на прв поглед добра финта, од многумина е критикуван како непрофесионален и како поткопување на кредибилноста на речниците воопшто. Но и во ова има извесна педагошка вредност - во јуни учениците сигурно ќе размислат неколку пати пред да употребат која и да е дефиниција на збор чие значење го нашле онлајн.