Германската авторка Соња Вогел неодамна објави книга (144 страници, засега само на германски) за феноменот на турбофолкот, чија троделна структура е направена според портретите на трите стожерни диви на тој „светоглед“ - Лепа Брена, Цеца и Јелена Карлеуша. Вогел првите политички анализи ги објавувала во германскиот дневен весник TAZ, а пишувала главно за политичкиот дискурс во Германија. Под влијание на анализите на Рудигер Росиг, уредник на ТАЗ кој во 80-тите магистирал на екс-ју рокот, таа се заинтересирала за овој дел од светот.
Мото на книгата е славниот цитат од песната „Турбо фолк“ на Рамбо Амадеус („Фолк е народ, турбо е систем за вбризгување на гориво, под притисок во цилиндарот на моторот со внатрешно согорување/Турбо фолк е горење на народот, разгорување на најниските страсти кај хомо-сапиенсот“). Доминантниот став кон темата во Германија, неколку години наназад, се мапира со новински наслови од типот „Музика за идиоти“ и „Саундтрак за етничко чистење“, во текстови во кои турбо фолклот се третира како инфериорна верзија на западњачкиот поп.
Но за разлика од ваквото сфаќање, за постјугословенската заедница, особено во Германија, во која спаѓаат децата на гастарбајтерите, бегалците и мигрантите, турбофолкот е врзивно ткиво. Има голем број клубови во кои се пушта или се свири турбофолк, а Хрватите, Србите, Бошњаците и останатите, кои се генерално „наежени“ едни кон други, тука го слушаат заедно. Брена, Цеца и Карлеуша се земени како претставнички на три различни децении, осумдесетите, деведесетите и 2000-те, кои истовремено означуваат различни историски периоди, најпрвин на јакнење на југословенскиот идентитет, па национализам, војни, санкции и (само)изолација, до тнр. демократски револуции. Се следи и развојот на медиумскиот пејзаж, појавата на новите медиуми (како ТВ Пинк), кои дополнително го комодифицираат турбофолкот и естетиката која слави брендови како Армани, Долче и Габана, Марлборо и Мерцедес, во период кога таа луксузна роба беше тешко достапна.
Авторката се осврнува и на родовите аспекти на турбофолкот - додека хероините на Цеца се меланхолични жени кои страдаат под притисокот на партријархатот, кај Карлеуша тие стануваат хистерични, со безбол палки уништувајќи им ги автомобилите на своите неблагодарни партнери. Токму со неа и новата генерација започнало и заземањето став кон женските и ЛГБТ правата.
Еден од генералните заклучоци на студијата е дека турбо фолкот во спомнатите три децении едноставно немаше конкуренција, и со оглед на својата комерцијална исплатливост ги угуши разновидните и алтернативните музички култури. На тој начин, тој се постави рамо до рамо со мејстрим попот.
Извор: Лупига