Картите како друштвена игра биле донесени во Јапонија од Португалците во средината на 16 век. Тоа всушност биле и првите Европејци кои пристигнале во Јапонија, и тоа случајно - еден португалски брод бил исфрлен од патеката поради тајфун, при што морнарите кои се спасиле од бродоломот се нашле на островот Танегишима, во југо-западниот дел од земјата. Но наскоро била воспоставена и официјална трговска рута, главно преку пристаништето Нагасаки, и тоа благодарение на еден језуитски свештеник кој пристигнал тука на првата христијанска мисија.
Во 17 век, кога Јапонија се изолирала од западниот свет и играњето со странски карти било забрането. Сепак, овој вид забава бил толку популарен што луѓето почнале да креираат свои регионално препознатливи дизајни, главно апстрактни и минималистички. За разлика од западниот шпил кој се состои од 52 карти (без џокерите), јапонскиот се состои од 12 дизајни (кои кореспондират на месеците во годината), при што од секој има по 4 карти, значи вкупно 48. Визуелните претстави се оние кои Јапонците типично ги асоцираат со годишните времиња (на пример црешовиот цвет за април), па оттаму и картите се нарекуваат „цветни“ (ханафуда, од хана-цвет). Јапонските шпилови се вообичаено помали по димензии, но самите карти се подебели и потешко се прекршуваат.
Eдна од игрите со овие карти под име ута-гарута традиционално се игра на Нова година. Шпилот се состои од 100 карти, при што на секоја од нив е напишана по една кратка песна (петстишје наречено „вака“), најчесто извлечена од класична антологија на овој жанр. На 50 од картите се испишани почетоците на песните, а на другите 50 се завршните стихови. Еден од играчите извлекува карта од првото купче, го чита почетокот, а останатите треба што побргу да ја најдат картата на која е испишан крајот помеѓу оние поставени на лице на масата. Победник е оној со најголем број точно спарени карти, односно оној кој може бргу да ги препознае песните кои претходно би требало добро да ги познава. Во Јапонија се одржуваат и национални првенства во оваа игра.
Интересен податок е дека кога Фусаџиро Јамаучи ја основал компанијата Нинтендо во 1889, првиот производ биле токму рачно нацртаните карти. Дури и денес, иако најпозната по играчките конзоли и видео игрите како „Легендата за Зелда“ или „Марио“, Нинтендо се уште произведува ханафуда во различни серии, како „Цвеќињата на Кјото“, „Гоблин“ или поновите со ликот на Марио.