Често дискутирана дилема во антропологијата е онаа поврзана со етиката на ваквите истражувања, кои навлегуваат во интимата на луѓето и нивниот начин на живот. Каде е границата која еден истражувач не смее да ја помине, обидувајќи се да ја пренесе „вистината" за одредена култура, и до каде може да оди (зло)употребувајќи ја довербата на неговите соговорници и експериментирајќи врз себе?
Еден од споменуваните примери во ваквите дискусии имаат врска со Вејд Дејвис, канадски биолог и антрополог со докторат од Харвард во областа на етноботаниката, чија специјалност е истражување на билките кои служат како обредни психотропни дроги во различни култури. И покрај обемната активност како етнограф, фотограф и режисер, токму неговата работа на Хаити во врска со традиционалните препарати кои се користат при обредите со зомби му донесе и најголема слава, и најголеми проблеми. На ова негово искуство се базира неговата најдобро продавана книга, „Змијата и виножитото", која послужила и за фикционализиран хорор филм. Но таа предизвика и голем број реакции и тоа не само во антрополошкиот табор, бидејќи за да ја докаже неговата хипотеза дека појавата на зомби е резултат на труење со тетродотоксин (ТТХ) тој побарал да се откопа некое починато дете. Освен тоа, и самиот експериментирал со повеќето од истражуваните дроги, бидејќи само така можел да добие јасна претстава за нивните ефекти.
Но и покрај контроверзите поврзани со него, сите се согласуваат дека Дејвис има импресивна био и библиографија: на неговите патувања има формирано над 6000 ботанички збирки, негови фотографии има во 20 книги и над 80 списанија, самиот има објавено десет книги преведени на 14 јазици, а за National Geographic Channel има направено документарна серија која ги истражува културите на Тахити, Гренланд, Непал и Перу. Од страна на National Geographic Society е прогласен за еден од Истражувачите на милениумот, односно за „ретка комбинација на научник, истражувач, поет и страствен бранител на сиот диверзитет на планетата".
„Светлина на работ од светот" е прва негова книга преведена на македонски (издание на Табахон), и претставува збирен преглед на неколку негови експедиции, од далечниот Канадски Арктик, преку пустините на Северна Африка, дождовните шуми на Борнео, планините на Тибет и мистичното Хаити. Тој не само што детално го опишува богатството на домородните начини на живеење, туку и предупредува од опасноста тие неповратно да исчезнат. Токму оваа хумана димензија на неговото пишување, како и описите на неговите често необични па дури и опасни доживувања од прва рака, е она што ја прави оваа книга возбудлива и важна.
Еве краток извадок од неа, токму од поглавјето посветено на зомбите.
На Велигден 1982, се вратив од Хаити во Њујорк и одев долж царинскиот ходник на аеродромот Џон Ф. Кенеди кога, одеднаш, бев запрен од речиси хистерична инспекторка од Бирото за земјоделие на САД. Се слушнал глас дека антрополог кој знае нешто за вуду тукушто поминал низ царината. Очекував дека таа ќе ми бара некакви дозволи. Во куферот имав суви жаби и змии, семиња и растенија, прашоци направени од отровна риба, мала збирка амајлии, фетиши и парчиња човечки коски наменети за хемиска анализа. Игнорирајќи го мојот багаж, таа посегна во расцепот помеѓу бујните гради и извади огромно сребрено распетие. Речиси без здив праша: „Ќе помогне ова?"
„Молам?", одговорив.
„Хаиќаните!", извика. „Хаиќаните!"
Дури тогаш сфатив дека судбината на американското земјоделие и беше последна грижа. Она што таа сакаше да го знае е дали крстот ќе ја заштити од хаитските имигранти, сите до еден според неа обожаватели на вуду и на ѓаволот, кои влегуваат во земјата. И реков да не се секира и продолжив. Во мојот ранец имаше жива жаба, 15 сантиметри во должина, со доволно отров во нејзините жлезди за да убие шест луѓе.
Мојата посета на Хаити беше поттикната од невообичаена задача. Еден тим доктори и научници, водени од Нејтан Клајн, пионер на полето на психофармакологијата, го откри првиот документиран пример на зомбификација. Она што го направи овој случај единствен беше фактот дека наводната жртва, средовечен маж по име Клаирвиус Нарцис, бил прогласен за мртов во болница со американско раководство која водеше беспрекорни досиеа. Смртта на Нарцис била документирана од двајца доктори, обајцата обучени во Америка, едниот Американец, а била посведочена и од сестра на починатиот. Многу години по погребот, на ужас и вчудоневидување на членовите на семејството, Нарцис се вратил назад во родното село, каде раскажал морничава приказна за тоа како бил жртва на магесник и бил трансформиран во зомби. Ламарк Дијон, водечки психијатар на Хаити, извршил детална истрага и, во соработка со Нејтан Клајн, излегол во јавноста во 1980 со восхитувачкиот заклучок дека приказната на Нарцис била вистинита.
Зомби, според народното верување, е жив мртовец, поединец убиен со магесништво, магиски воскреснат во гробот и откопан за да се соочи со неодредена судбина за која се вели дека без сомневање е обележана со ропство. Клајн и Дијон, секако, не верувале во магија, и знаеле дека мора да има научно објаснување. Тие го фокусирале нивното внимание на извештаи за еден народен препарат, често споменуван во популарната и етнографската литература, за која се велело дека поттикнува состојба на наводна смрт, која делува толку вистинито што може да залаже еден доктор образован на Запад. Хаиќаните очигледно го прифаќале постоењето на отровот, бидејќи тој е специфично споменат во кривичниот законик на земјата, и казните за негова употреба се многу строги. Бидејќи медицинскиот потенцијал на една дрога, способна да причини ненадејна смрт би можел да биде значителен, особено на полето на анестезиологијата, Клајн, откако контактирал со Шултис на Харвард, ме испрати на Хаити пролетта 1982 за да ја обезбедам формулата за подготовка на препаратот....
Илина, Букбокс