Пред некое време пишувавме за текст на Предраг Крстиќ, „Индекс на опцуеното" и пренесовме дел од него прочитан од професионален спикер на Третата програма на Белградското радио.
Во неговата книга на истата тема, „Што зборуваме кога зборуваме за пцуењето" (2014) тој низ живописен јазик (а каков инаку кога се зборува за пцости?) тој чепнува и во историјата на третирањето на мрсниот говор. Така, во средовековниот Душанов законик се вели: „Пцуењето од страна на властелин се казнува со сто пепери, а на потчинет кон властелинот со сто пепери и тепање со стапови. Кој опцуе епископ или монах или поп, исто така да се казни со сто пепери".
Не ја знаеме вредноста на оваа валута денес, но претпоставуваме дека не било малку. Фаст форвард од средниот век до денес, Министерството за правда на Русија има нов закон кој на притворените кои очекуваат судење им забранува да го зборуваат мрсниот руски затворски сленг познат како „фења".
Иако не е јасно каква е казната доколку на некого сепак му се испушти пцовка, декретот е на линија со познатата омраза на Путин кон употребата на ваков непристоен јазик, што беше повод да се забрани и сета „профаност" на руската телевизија, филмот, театарот и во весниците во 2014.
Ова не е прв обид за искоренување на „фења" од затворите - во 2013 забраната за негово користење се однесуваше само на затворските чувари. Тој се опишува како јазик на казнените кампови и на затворите, а развиван во тек на повеќе децении, тој се состои од илјадници зборови и изрази кои опишуваат сè, од мртовечки труп (жмурик) до гомно (кинут).