Андерсон во она малку некролози кои излегоа за него денес, дур понеделнички не проработат запчаниците на повеќето светски медиуми кои сигурно (и заслужено) ќе му посветат големо внимание, е опишан пред сè како „индонезист" или експерт за индонезиска политика. Тој всушност и почина во хотел во Бату, источна Јава, каде престојувал заради промоција на превод на неговата книга „Под три знамиња: анархизмот и анти-колонијалната имагинација". Имаше 79 години, а зад себе богата академска кариера, како професор на Корнел, но пред сè како автор на книгата „Замислени заедници: размислувања за потеклото и ширењето на национализмот" (Imagined Communities) oд 1983, во која ги објасни главните фактори кои доведуваат до појава на национализмот и до неговите последици, а која е веројатно најчитаната (и најцитираната) книга за национализмот.
Нациите, според него, се „замислени", утописки или виртуелни, меѓу другото, затоа што членовите дури и на најмалата нација никогаш не ги знаат сите останати во заедницата (сте ги запознале баш сите Македонци?), но тоа не е пречка за тие да развијат ментална слика за нацијата како целина на којашто ѝ припаѓаат и со која се идентификуваат. Тоа истовремено не е можно без да се исцртаат прилично јасни граници помеѓу „нас" и „другите", при што ние, нормално, не сме само различни, туку и подобри од сите оние кои не припаѓаат на националното „јато" (толпа, крдо..). Ова „хоризонтално другарство" е причината не само за убивањето на другите, туку и за доброволното одење во смрт на оние обземени од илузијата на ова во суштина ранливо и апстрактно заедништво.
Клучна улога во одржувањето на илузијата на националното ткиво, според Андерсон, ја има јазикот (особено печатените медиуми и книгите), како и модерните технологии. Но во случајов одбравме еден дел од неговата книга (издадена на македонски во едицијата „Идеи" на Култура во 1998), која зборува за - спомениците:
„Нема повпечатливи обележја на модерната култура на национализмот од спомен-костурниците и гробниците на незнајните јунаци. Јавната церемонијална почит што им се укажува на овие споменици токму поради тоа што тие се или намерно празни или никој не знае кој лежи во нив, нема вистински претходници во минатото...Културната важност на таквите споменици станува уште појасна доколку се обидеме да си замислиме да речеме гробница на незнајниот марксист или спомен костурница на паднатите либерали. Дали може да се избегне чувството на апсурдност? Причината е што ниту марксизмот ниту либерализмот не се кој знае колку загрижени за смртта и бесмртноста. Ако националистичката имагинација е толку загрижена по овие прашања, тоа ни укажува на силна сродност со верските идеи."
Сепак, кај Андерсон национализмот не е нужно злокобен како што овој термин одѕвонува во нашите балкански уши:
„Во време кога е толку едноставно прогресивните космополитски интелектуалци да инсистираат на речиси патолошкиот карактер на национализмот, на неговите корени во стравот и омразата кон Другиот и на неговата сродност со расизмот, корисно е да потсетиме дека нациите вдахнуваат љубов, а често дури и длабока самопожртвувана љубов. Културните производи на национализмот - поезијата, прозата, музиката, ликовните уметности - ја покажуваат мошне јасно...Она што е окото за вљубениот или вљубената - тоа посебно, обично око со кое тој или таа се родени - тоа е јазикот, кој и да е јазик, што историјата го определила како негов или нејзин мајчин јазик - за патриотот. Преку тој јазик, со кој се сретнува во мајчиниот скут, а се разделува единствено на гробот, минатото се обновува, заедницата се замислува, а иднината се сонува", заклучува романтично Андерсон.
Во светската историја од времето на објавувањето на книгата до денес се случија голем број настани кои можеби би го натерале Андерсон да ревидира или целосно да отфрли некои од неговите претходни ставови. Па сепак, идејата за имагинарниот карактер на националните заедници е толку силна, што таа е незаобиколна за секој оној којшто се занимава со оваа тема.