Детството на Бајден, роден во Скрантон, Пенсилванија како најстаро од четири деца, не било лесно. Поради тоа што д’ткал често бил мета на малтретирање од страна на врсниците. Подоцна успеал да го совлада пелтечењето со рецитирање поезија, особено од славните ирски поети, стоејќи со часови пред огледало, со помош на мајка му. Сепак, и денес признава дека кога е уморен тоа понекогаш му се враќа.
Додека студирал право се оженил за својата прва сопруга, Нила Хантер, со која имале три деца, синовите Бо и Хантер и ќерката Наоми. Но во 1972 се случила трагедија, кога само по еден месец откако Бајден станал најмладиот сенатор во историјата со само 29 години, сопругата Нила и ќерката Наоми - која тогаш имала само една година - загинале во автомобилска несреќа. Бо, кој имал 4 години и Хантер, кој имал 2, биле во автомобилот со кој се враќале од пазарење за Божик, но тие преживеале иако со сериозни повреди.
Во документарец за Си-ен-ен Бајден подоцна признал дека размислувал за самоубиство - да се фрли од мостот во Делавер, но издржал поради синовите. Во мемоарот од 2007, „Ветувања кои треба да се одржат“, тој раскажува како додека неговите синови се опоравувале во болницата, тој шетал ноќе низ небезбедни маала за да најде некого со кого би се степал. „Почнав да разбирам како очајот ги тера луѓето едноставно да си ги прекратат страдањата - дека самоубиството во такви случаи не е само опција туку рационална опција“, пишува тој во книгата. Кога поднесувал заклетва за Сенатот, тоа го направил крај креветот на Бо во болницата. До денес тој не работи на 18 декември во спомен на неговите жена и ќерка.
Неговата втора жена Џил се согласила да стапат во брак откако пет пати ја просел, имајќи го предвид фактот дека ќе треба на некој начин да биде замена на нивната мајка. Работите се сталожуваат и животот навидум оди понатаму. Но во 2015 се случува нова трагедија - Бо, кој во меѓувреме и самиот се пробива во политичките води, добива тумор на мозок и умира на 46 годишна возраст. Ова е причината зошто Бајден не се кандидира за претседателските избори во 2016. Но за неговото пријателство или „братска романса“ со Обама, во чиј мандат беше потпретседател, знаеа и оние кои вообичаено не се интересираат за политика, а чести се и оние кои пуштаат солза на начинот на кој по осум години „броменс“ Обама го испрати својот соработник доделувајќи му го неочекувано Орденот на слободата.
Бајден има напишано десетина книги од областа на политиката и правото, и два мемоара, од кој последниот од 2017 е под наслов „Вети ми, тато: година на надеж, мака и цел“ во која отворено зборува за начинот на кој се справил со смртта на својот најстар син.