Во левиот агол (намерно?) - „Елвис на културната теорија“ и „најопасниот светски филозоф“. Во десниот агол, клиничкиот психолог и професор по психологија на Универзитетот Торонто, Џордан Питерсон, миленикот на новата десница, омразен од феминистите.
„Среќа: капитализам наспроти марксизам“ беше наслов на нивната дебата, одржана во Торонто вчера, 19 април. Билетите за настанот не само што беа многу бргу распродадени, туку подоцна достигнаа цена од дури 1500 долари (додека за 15 можеше да се гледа пренос во живо). Повод за целата работа е настап на Жижек во Кембриџ во ноември 2018, во кое го нарече Питерсон „непријател“, (иронично) „наш голем духовен водач“, и некој кој не може да зборува за жени без да спомне јастози и мајмуни (видео тука). На ова Питерсон на Твитер му се обрати со „Жижек, кога сакаш, каде сакаш“, фрлајќи му на тој начин ракавица за дуел, кој ете се случи.
Додуша на промотивниот банер на кој двајцата се сликани со некако кутри, и не баш пресреќни фаци стана јасно дека зборот „среќа“ од насловот нема да биде од клучно значење. Всушност, не беа сосем клучни дури ни другите два, со оглед на тоа што по воведните настапи, дебатата се разграни (особено од страната на Жижек) на сите страни, вклучувајќи (да) јастози, љубоморни сопрузи, христијанство и, повеќе од еднаш, Трамп. Најпрвин секој од учесниците говореше по половина час, потоа меѓусебно си поставуваа прашања, а дури на крај беше поставено ЕДНО прашање од публиката.
На ниво на базичен говор на телото, Питерсон беше стандардно, речиси актерски вешт, веројатно свесно напуштајќи го својот безбеден дел од подиумот за да ѝ се приближи на публиката. Овој пак зборуваше не само седејќи (добро, постар е) туку, барем на почетокот, и читајќи однапред подготвен текст. За разликата во гестикулациите, и повремено клиничко-психолошки продорниот (загрижен, љубопитен?) поглед на Питерсон кон својот соговорник, и да не зборуваме.
Од содржинска гледна точка, Питерсон построго се држеше до темата, а кога одговараше на прашања, до она што е прашан. Почна со лоцирање наводно неодржливи, сомнителни па дури и крајно луди ("it's a technical term") места во Комунистичкиот манифест, нарекувајќи го Маркс „нарцисоиден“ мислител, кој и покрај сета интелигенција не бил способен да мисли за сопственото мислење, односно да ги лоцира најслабите места во сопствената теорија и за нив да најде решение (на пример недостатокот на теориска подлога, но и практични упатства, како навистина да се воспостави а потоа и да се одржи тн. диктатура на пролетаријатот како замена за злиот капитализам). Жижек пак, (од левиот агол, нели) почна токму со тоа што се огради од левите либерали, велејќи дека доколку би дознале дека во оваа дебата тој е перцепиран како нивен претставник (наспроти „десничарството“ на Питерсон) „тие би се превртувале во своите гробови, дури и ако се уште живи“.
И можеби токму тука, уште на почетокот, се случи и најголемото изненадување на дебатата, со што и се укина возбудата на нешто што требаше повеќе да личи на спортски дуел - колку всушност марксистот и капиталистот се согласија. Излезе, на пример, дека двајцата посакуваат регулиран капитализам, таков кој иако ќе збогати неколкумина („данок на ѓаволот“), на повеќемината сиромашни ќе им овозможи да станат побогати. Двајцата сметаат дека хиерархиите (во економска, но и во секоја друга смисла) остануваат неопходни како начин на организирање на животот и решавање на сложени социјални проблеми. Дека обајцата се песимисти во врска со човековата природа, при што Питерсон како некој што реално лечи луѓе сепак верува дека преземањето лична одговорност може да придонесе за развој на личноста, и оттаму и на целото општество.
Жижек барем на три пати искоментира „изненадувачки е, но се согласувам со вас“, и иако го нарече питерсоновото читање на „Комунистичкиот манифест“ површно, призна дека ултимативната цел му била да го натера да каже барем еден виц. Овој пак беше уште повеликодушен, нарекувајќи го Жижек „хумористичен, харизматичен и атрактивен“, „чуден марксист“ и „карактер од човек“. Имаше тука и малку додворување, и рециклирање на стари изјави и многу пати повторени ставови, но во еден момент се случи и вистински непосреден и ненаместен „клик“, кога Питерсон се воодушеви од толкувањето на Жижек на распнувањето (моментот кога Исус се сомнева дека Бог го напуштил), како атеистички сомнеж вграден во сржта на христијанската религија.
Не дека навистина очекувавме кој знае каков скандал, тепачка или драма, соодветна на „дебатата“ во која Витгенштајн (наводно) го гаѓал Попер со маша за оган. Но беневолентноста на соговорниците по малку нè изненади, а за многумина дојдени во арената по крв, сигурно беше и здодевна. Од друга страна, тоа ни покажа колку наапани сме навикнале да бидат комуникациите, особено медиумските, и особено помеѓу луѓе кои или навистина не се согласуваат, или толку успешно глумат „аватари“ на групите кои ги делегирале, што конфликтот се подразбира уште пред да отворат уста.
Целиот дуел тука (почнете од 37-ма минута, до тука има непотребен вовед од модераторот)
Нашиот резултат од „бингото“ кој некој го имаше постирано на Твитер пред почетокот на дебатата: