Букбокс читанка

„Машата на Витгенштајн: приказна за десетминутната расправија помеѓу двајца големи филозофи“ од Дејвид Едмондс и Џон Ајдинов

25 октомври е 1946, студена вечер во Кембриџ, каде сè уште се чувствуваат последиците од неодамна завршената војна. Клубот за наука и морал во рамките на Универзитетот, со кој претседава ѕвездата на катедрата по филозофија, Лудвиг Витгенштајн, се среќава во просторија која одамна не е варосана. Столиците се дотрајани, на прозорците сè уште стојат црните завеси кои до скоро се користеле за затемнување при авионските напади, а топлина доаѓа само од каминот со мермерна рамка, во кој огнот се одржува со фрлање на по некоја цепаница и разгорување со машата која стои потпрена до ѕидот.

Дискусиите во клубот се вообичаено жестоки, особено имајќи го предвид темпераментот на домаќинот - големиот логичар и филозоф на јазикот, чии студенти наликуваат на следбеници на верски култ, култот на Витгенштајн. Но иако многумина не се свесни за тоа, токму оваа вечер е посебна. Гостин-предавач на клубот е Карл Попер, која иако со оглед на неговото потекло има голем број допирни точки со Витгенштајн - обајцата се Евреи од Виена - него едноставно не го поднесува, а нетрпеливоста изгледа дека е обострана.

Официјално темата на која Попер треба да зборува е „Дали постојат филозофски проблеми?". Но само што почнува со изложување на своето несогласување со пристапот според кој филозофијата може и треба да се занимава само со загатки (инаку главна теза на неговиот соперник), Витгенштајн во неговиот добро познат стил, но уште погневен и поагресивен од вообичаено, почнува да му се дере, за во еден момент да ја дофати машата и да почне да мафта со неа во сите правци. Во лавината зборови упатени кон Попер, има и едно барање – тој да наведе барем едно валидно морално правило. „На гостин-предавач не смее никој да му се заканува со маша", одговара овој. После ова Витгенштајн демонстративно го напушта собирот. Или така барем гласи една од верзиите за овој настан.

Оваа случка е одлична анегдота, ама за од неа да направиш цела книга навистина треба да си махер. Едмондс и Ајдинов, обајцата новинари во Би-би-си, успеваат од изворот (споменатиот настан) да повлечат три патчиња. Едното е биографскиот, односно историскиот агол: како дошло до тоа Витгенштајн и Попер, обајцата бегалци од Виена „на крајот од векот", со слична судбина заради сопственото еврејско потекло, одеднаш да се судрат при првата средба очи во очи среде универзитетската атмосфера на Кембриџ? Второ, аголот кој може да се нарече шерлокхолмсовски - што точно се случило таа вечер, и зошто сведоците кои се уште живи (или барем биле во времето на пишувањето на книгата) сè уште се под големи импресии од настанот, вклучувајќи ги и различните спомени на него, кои често пати се разликуваат во повеќе од детал. Конечно, интелектуалниот агол: што ни кажува судирот помеѓу овие двајца мислители за рацепот во 20-вековната филозофија, во врска со значењето на јазикот воопшто? Дали во приказната има победници и поразени?

Витгенштајн е роден во едно од најбогатите семејства на предвоена Европа, второ после она на Ротшилдови - татко му Карл бил индустриски тајкун, кој се занимавал со трговија со челик. Неговите големи инвестиции вон Австрија го спасилe семејството од последиците на хиперинфлацијата која ја погодила Австрија во 1922. Дури и по економските падови кои следеле по Големата депресија, во 1938. семејството Витгенштајн поседувало 13 имоти само во Виена. Палатата Витгенштајн била центар на културниот живот - Карл бил спонзор на уметниците, финасирајќи ги Климт, Брамс и Малер. Последниве двајца редовно музицирале во концертните сали на Витгенштајнови.

Сепак, перфекционизмот на таткото силно го притискал семејството, кое било составено од осум деца. Од петте синови, тројца извршиле самоубиство како резултат на тешка депресија. Лудвиг, најмалиот од децата, во вакви околности живеел со сестрите Хермина, Маргарета и Хелена и братот Пол, кој бил славен концертен пијанист и, иако ја загубил десната рака во Првата светска војна, продолжил да музицира. Големи имиња како Равел, Прокофјев, Бритен и Равел пишувале пијано концерти само за лева рака во негова чест. По смртта на таткото и притисоците кон Евреите во Виена на почетокот на Втората светска војна, и покрај тоа што Витгенштајнови ја имале прифатено лутеранската вера, со оглед на јудејското потекло морале да се испазарат со нацистите за да спасат гол живот. На Лудвиг, кој целосно се откажал од богатството во корист на сестрите и братот и веќе бил посветен на филозофијата и на речиси аскетскиот живот, тоа не му паднало тешко. Но во историјата е забележано дека спасот на неговите блиски го чинело семејството 1700 килограми злато повлечено од странските банки.

Tractatus Logico-Philosophicus (1921), единствената книга која Витгенштајн ја објавил во текот на животот, имала 75 страници. Лудвиг ја пишувал како војник и воен затвореник за време на Првата светска војна. Таа извршила огромно влијание врз подоцнежниот „Виенски круг" филозофи, но кога била преведена на англиски и врз британските филозофи Џорџ Едвард Мур и Бертранд Расел. Последниов е всушност најзаслужен што Витгенштајн добил позиција на Кембриџ кога таа му била најпотребна - но додека Расел до крајот на животот го сметал Лудвиг за гениј, „страсен, длабок, интензивен и доминантен мислител", Витгенштајн подоцна во кариерата престанал да го возвраќа вниманието - Расел едноставно му станал досаден. Но такви всушност му биле повеќето колеги. Особено Попер, на споменатата средба во собата Х-3, на првиот спрат од Кингс Колеџ во Кембриџ.

Карл Попер во споредба со Витгенштајн навистина не е нешто многу интересен, барем не на прв поглед. Роден исто така во Виена, тринаесет години по Лудвиг, тој бил од релативно богато адвокатско семејство. Од судбината на Евреите во Европа се спасил со тоа што во 1937 пребегнал ни помалку ни повеќе туку во Нов Зеланд. Таму ја напишал и неговата позната „Отвореното општество и неговите непријатели", а по враќањето во Европа предавал на Лондонската школа по економија и на Лондонскиот универзитет, но никогаш на Кембриџ. Исто како и Витгенштајн немал деца, но бил женет и по жените, за разлика од вториов за кого се зборувало дека е хомосексуалец, иако во книгава тој факт не добива големо внимание. За разлика од Витгенштајн кој влијаел главно врз негови современици – филозофи на јазикот и врз уметници, но никогаш не добил позначајно признание, дури ни постхумно, Попер влијаел врз бројни политичари и бизнисмени (Сорос својата фондација „Институт отворено општество" ја има наречено така во чест на Попер), бил прогласен за витез од страна на британската кралица, а на веста за неговата смрт на деведесет и кусур години медиумите со денови не престанале да пишуваат за неговиот хуманизам и придонес кон развојот на научниот метод.

Иако ретроактивно Попер делува како некаков морален победник во приказната, во времето на скандалот на Кембриџ, 1946., тој бил опседнат со тоа да докаже дека Витгенштајн и неговите „филозофски гачки", целата таа церебрална пиротехника, зачинета со гласни извици и удирање по челото придружено со германското „ја" кога ќе се налета на интересен аргумент, е само тоа - акробација, актерство, без вистинска содржина. Попер сигурно мислел дека тој, а не неговиот бивш сограѓанин-некогашен аристократ, го заслужува местото на престижниот Кембриџ, и восхитот на студентите и колегите.

Ама харизма си е харизма. Додека Попер изгледа претерувал во обидот да остави впечаток, Витгенштајн пленел со неговата самоувереност и вистинска, органска страст по филозофијата. На одбраната на неговиот докторат заснован врз идеите во Трактатот (кои подоцна самиот си ги критикувал), комисијата во состав Расел и Мур имала чест, откако кандидатот ја изложил неговата теза, да биде потчукната по рамото со зборовите „Не се секирајте, знам дека ништо не разбравте". Дури и така, докторатот бил одбранет, а колегата промовиран во предавач. Затоа што Витгенштајн едноставно бил неодолив, речиси луд, но искрен и моќен, и во она што можел да го соопшти, и во она за што кога веќе не можело да се зборува, молчел. Рационални и фини типови како Попер нему му биле фуј, и тој не можел да се воздржи тоа и да го соопшти.

Но присутните на настанот со машата сепак не се едногласни околу тоа што точно се случило таа вечер. Додека едни велат дека Витгенштајн отворено се заканувал со машата, и ја спуштил дури откако Попер му го одбрусил она дека не смее да се напаѓаат гости-предавачи, други велат дека ова Попер го изустил дури откако Витгенштајн бил веќе излезен од просторијата. Ова конечно може да изгледа и сосема неважно. Но важно е за оние кои до скоро живо се сеќавале на настанот како на историски, истовремено релативизирајќи ги, преку различните сеќавања за една иста случка, често тврдите филозофски ставови за вистинитоста на перцепцијата и за објективното познание. Токму затоа оваа десетминутна епизода е и интересна - и како приказна која повлекува куп факти од историјата на филозофијата и на идеите, но и како мета-нарација, за (не)можноста на јазикот да ја отслика објективнатата реалност - филозофски проблем (или загатка) број еден за Витгенштајн, сосема нерелевантен за Попер.

Иако двајцата автори на оваа книга (да повториме – новинари!) не навиваат отворено за една од страните во филозофскиот конфликт, нивните симпатии кон откачениот Витгенштајн се очигледни. На крајот на краиштата, книгата се вика „Машата на Витгенштајн", а не на Попер. А таа, дури и да не постоела, требало некој да ја измисли.

Илина, Букбокс

22 јуни 2012 - 08:34