Манифестот на Ти Боун Барнет

Музиката ги соблазнува машините

„Уметниците преземаат ризици кои еден технократ никогаш нема да ги преземе. Уметникот ризикува сè во сè што прави. Ризикот е она што го одделува уметникот од занаетчијата. Уметноста не е кариера, таа е копнеж,тежнение, одговор на повик.“

Американа е петдневен музички фестивал, собир на музички професионалци кој од 2000-та секој септември се одржува во Нешвил. Оваа година таму говор одржа Ти Боун Барнет, славниот продуцент и композитор за филмовите на браќата Коен, како и за серијата „Тру детектив“. Во Прустовиот прашалник (кого го пренесовме тука) тој изјави дека ако умре и се врати како личност или предмет би сакал да биде - тишина. До тогаш, фала богу, имаме што да слушнеме од него.

***

Кога Микеланџело ја сликал големата фреска „Последниот суд“ во Систинската капела, тој наишол на големи критики од различни членови на црквата, особено од страна на церемонијал-мајсторот на Папата - извесен Чезена - кој го обвинил за опсценост. Микеланџело реагирал со тоа што го насликал Чезена на фреската во најдолниот круг од пеколот, гол, со магарешки уши и змија која го проголтува.

Чезена бил шокиран и барал од Папата да го цензурира Микеланџело заради неговата дрскост. Кога дошле до капелата и Папата застанал пред фреската за да види што е работата, му рекол на Чезена: „Знаеш што? Па овој воопшто не личи на тебе.“

Гледате, Папата не сакал да се закача со Микеланџело. Микеланџело создавал нешта што требало да траат стотици години. Се знаело дека неговите креации ќе ја надживеат способноста на Папата да стори нешто во врска со нив. Така, Папата се повлекол. Затоа што се плашел од сликарот.

Сликарот можел да создаде друга димензија помеѓу Небото и Земјата. Рамните таваници изгледале како да се спуштаат во собата во три димензии. Тој сликал простории каде свештениците и црквата можеле да седат и да бидат транспортирани и втопени во повисоки сфери, учејќи древни приказни - мисли кои се одржале во живот со векови. И го сторил тоа со мешање на нешта кои ги нашол наоколу - песок и глина и растенија. Тој бил бестрашен алхемичар.

Уметноста не е пазар кој треба да се освои или пред кого треба да се коленичи.

Уметноста е свет подвиг.

Под субатомското ниво на честичките, постојат нишки кои вибрираат со различни интензитети. Различни фрекфенции. Како виолински жици. Физичарите велат дека честичките кои можеме да ги видиме се ноти од струни кои вибрираат под нив. Ако теоријата на струни е точна, тогаш музиката не е само начин на којшто функционираат нашите мозоци, како што имаат покажано невронаучниците, туку е и она од што сме направени, она од што е направено сè“. Тоа е влогот за којшто играат музичарите.

Сакам да ви препорачам книга - „Технолошко општество“ од Жак Елул.

Џон Вилкинсон, преведувачот, во неговиот вовед од 1964, ја опишува книгата на овој начин - „Технолошко општество е опис на начинот на којшто автономната технологија полека ги презема традиционалните вредности во секое општество без исклучок, преиначувајќи ги и надминувајќи ги овие вредности за да произведе конечно монолитична светска култура, во која сета технолошка различност и вариетет ќе бидат илузија“. Ова е суштината на смртно сериозниот предизвик со којшто се соочуваме.

Првото нуклеарно оружје било детонирано утрото на 16 јули 1945, во 5:29 и 45 секунди.

Во тој момент технократите ја презедоа контролата врз нашата култура.

Тринити беше кодното име на таа експлозија. Тоа беше несвето тројство.

Технологијата прави само едно нешто - има тенденција кон ефикасност. Нема естетика. Нема етика. Нејзиниот код е бинарен.

Но сè интересно во животот - сè што го прави животот вреден за живеење - се случува помеѓу бинарното. Милоста не е бинарна. љубовта не е бинарна. Музиката и уметноста не се бинарни. Јас и вие не сме бинарни.

...Живееме во време кога артистите со сила се туркани од еден во друг, уште полош договор. Никој не ги прашува артистите. Ни се вели да научиме маркетинг. Морам да кажам, и мислам дека зборувам во име на сите присутни музичари, дека не почнав да свирам затоа што посакував, или затоа што мислев дека тоа ќе води кон кариера во маркетинг.

И, додека ни се кажува тоа, нашите дела се комодифицираат - цената на музиката се спушта на нула.

Работам со група наречена Си3 (Content Creators Coalition), водена од Розен Кеш и Џефри Боксер, преку која се обидуваме да развиеме Декларација за права на уметникот. Првото право е уметниците да можат да одредат во кој медиум ќе работат. Второто е право на одредување цена на своето дело.

Секој човек кој го заслужува името уметник, од Рембрант до Пол Сезан до Пикасо до Џексон Полок.

Од Вилијам Шекспир до Тенеси Вилијамс до Џејс Болдвин и Џек Керуак

Од Бах до Стравински до Малер до Џон Адамс

Секој од овие уметници правел уметност, а светот, за да ја разбере, морал да се промени.

Тие не се прилагодувале на светот, светот им се прилагодувал ним.

Технократите сугерираат да правиме собирни акции.

Сугерирам да не го правиме тоа.

Технократите - дигиталните тајкуни, ајТопијанците, гледаат со презир на уметниците. Тие ги имаат изработено сите тие алатки, и мислат дека треба да им бидеме благодарни - дури и понизни - и да ги користиме тие нивни фенси-шменси нови алатки радосни, за да ги направиме уште помоќни. Но ние можеме да правиме уметност без ништо. Не ни требаат нивните алатки. Музиката ги соблазнува машините.

...Оваа интернет технологија која е нашироко промовирана како клучот, како конечното решение, наместо наша слобода стана наш затвор. Она што лажните пророци на интернет рекоа дека ќе ги замени владите и националните држави и трговијата и ќе создаде слободен свет на заедништво и споделување наместо тоа доведе до консолидација на богатството и моќта кое прави монополите на раниот 20 век - Морган и Рокфелер и Карнеги - да изгледаат бедно и неефикасно.

Итан Закерман, директорот на Медиа лаб на МИТ се извини од негово име за создавањето на нешто што тој го нарече „фијаско“. Тим Бернерс Ли, кој ја има направено шемата на нашиот денешен интернет на салфетка, рече во Давос минатата година дека интернет мора да биде редизајниран.

Нашата комуникациска мрежа на 21 век, на која раните приврзаници гледаа со верски занес, е претворена во механизам за надзор и рекламирање. WWW е токму тоа - мрежа која го лови во стапица секој оној кој ја користи.

Уметниците не смеат да се потчинат на побарувањата или на дефинициите на ајТопијанците.

Но јас сум тука за да зборувам посебно за американската музика.

Оваа земја е водена од уметници, од Торо и Емерсон, преку Волт Витман до Вуди Гатри, Телониус Монк и Чарли Паркер до Присли и Дилан и Последните поети и Кендрик Ламар. Уметниците секогаш ги воделе Науките. Ајнштајн изјавил дека Пикасо бил пред него за дваесет години. Жил Верн стави човек на месечината стотина години пред тоа да го сторат научниците. Средовековните витражни прозорци се пример за тоа како нанотехнологијата била користена во предмодерната ера. Овие уметници биле високи технолози, и многу други нешта - тие биле естети, етичари, магионичари и филозофи.

Тие преземале ризици. Ризици кои еден технократ никогаш нема да ги преземе. Уметникот ризикува сè во сè што прави. Ризикот е она што го одделува уметникот од занаетчијата. Уметноста не е кариера, таа е копнеж, тежнение, одговор на повик.

...Технократите велат: „Види, да го направиме тоа, а после ќе мислиме“. Така направија со атомската бомба.

Како уметници, наша одговорност е да ги осмислиме работите сега.

Барнет Њуман рече: „Времето минува над врвот на пирамидата“. Со тоа сакаше да каже дека има многу простор на дното на пирамидата за таму да се стават нешта, но како што минува времето гравитацијата нив ги сотира во прав. Но ако направиш нешто баш на врвот на пирамидата, тоа останува таму.

Нашата аспирација е да ставиме нешта на врвот на пирамидата. Тоа е она што го сакаме - нашиот префериран медиум.

Дигиталното не е медиум за архивирање.

Технологијата се менува секои десет години. Нивните технологии не траат, и нема да траат.

Нашата уметност - ако ја правиме како што треба - ќе го стори тоа.


Целиот говор, објавен во списанието No Depression (супер име)

4 октомври 2016 - 17:35