T-Боун Барнет, музичар и продуцент. Има свирено како гитарист на турнеи со Боб Дилан, ги продуцирал Рој Орбинсон, Лос Лобос, Елтон Џон, К. Д. Ленг, и жена му Дијана Крал. Сепак е најпознат по филмска музика - има работено со браќата Коен (вклучувајќи го и најновиот филм за музичарот Левин Дејвис, кој оваа година ја освои Златната палма во Кан). И, најважно, има добиено Оскар за нам драгата песна The Weary Kind од филмот „Лудо срце" со Џеф Бриџис.
Која е вашата замисла за совршена среќа?
Совршенството е второкласна идеја. Претпоставувам дека совршената среќа би била радоста, најсуштественото и најнепостојаното од сите чувства. Оној момент кога го препознавате, токму тогаш тоа ви бега. Не сум сигурен што му е намерата на Пруст со ваквиот почеток на испрашувањето, и не сакам да бидам расипувач на забави, па ќе речам дека мојата идеја на совршена среќа е крајот на економијата: растеме како цвеќиња и летаме како птици; лавот си легнува до јагнето - бесмислена идеја.
Која личност ви е најодвратна?
Волт Дизни.
За што жалите најмногу?
Жалам за сите книги кои не сум ги прочитал, за музиката која не сум ја чул, за филмовите кои не сум ги видел, местата каде не сум бил, луѓето кои не сум ги сакал, или не сум ги сакал како што требало.
Кога и каде сте биле најсреќни?
Мојот најсреќен момент беше кога бев во истата просторија кога се роди ќерка ми, и кога видов како таа го зема првиот здив и се претвора од нешто што личеше на сива глина во најдлабокото, најживото, најпсиходеличното румено. Тоа беше незаборавна, незамислива експлозија на енергија и потенцијал - на ветувања и чиста љубов.
Кој талент би сакале да го имавте?
Талент за сликање. Како Пол Сезан.
Како се чувствувате во моментов?
Полу-кохерентно. Ставен на неуро-фидбек. Совршено среќен.
Што сметате за ваше најголемо достигнување?
Работите за кои сум имал среќа или сум бил доволно инспириран да ги направам не се за мене достигнувања. Не може да бараш признание за инспирација. Не знам дали кое и да е од нештата кои ми значат можат да бидат постигнати.
Ако умрете и се вратите како личност или предмет, што би било тоа?
Тишина.
Која ви е омилена професија?
Археолог. Тие се оние кои допираат до дното на нештата, така да се изразам.
Која карактеристика најмногу ја цените кај маж?
Совест.
Која карактеристика најмногу ја цените кај жена?
Трпение.
Кои ви се омилени писатели?
Јејтс, Твен, Бенчли, Џојс, Огден Неш, Џон Фанте, Достоевски, Ден Џенкинс, Лангстон Хјуџ, Софокле.
Кој е вашиот омилен фиктивен херој?
Том Соер.
Кои се вашите херои од реалниот живот?
Вилијам Слоун Кофин, Џон Хамонд, Хаулин Вулф, Бен Хоган.
Кои се вашите омилени имиња?
Марко Пoло, Дјук Елингтон, Зевс, Афродита, Ола Бела Рид, Мејбел Картер, Мади Вoтерс, Левон Хелм, Џингис Кан, Имануел Кант.
Што цените најмногу кај пријатели?
Нивната волја да дадат мал заем.
Каде би сакале да живеете?
Има стар манастир на рид кој гледа на Фиренца. Или замокот Хирст. Некој од нив.
Што сметате дека е преценета карактеристика?
Способноста да се тера напред, мислам.
Што најмногу мразите?
Славата. Тешко е да не се мисли на оние кои бркаат слава и успеваат во тоа, сфаќајќи дека всушност се „селебрити" и се совршено среќни во врска со тоа.
Како би сакале да умрете?
Сакам да умрам во добро здравје, на старост, во куќа на планина која гледа на океан, сонувајќи за сè и секого кого имав невозможна добра судбина да го сакам. Можеби Ралф Стенли да ја пее Angel Band.
Koe e вашето мото?
„Добрите зделки ги правиме веднаш; за лошите треба време".
The Weary Kind - Ryan Bingham (од филмот „Лудо срце")