Дори Хадар работи како адвокат за фирма во Вашингтон, но помеѓу бранењето клиенти обвинети за трговија со дрога, оружје и убиства се релаксира копајќи по кутии со стари плочи по пазарите и тезгите. Тој е вистински љубител, особено на соулот и фанкот, со над 10,000 плочи во неговата збирка. Но еден ден, во пет наутро, кога пазарот покрај затворот во којшто минал цела ноќ разговарајќи со неговиот клиент самошто почнал да се отвара, наишол на дури 38 албуми од соул пејач за кого никогаш не чул. Неговото име - Мингеринг Мајк.
Првиот албум според пронајденото бил од 1968 со наслов „Седејќи крај прозорецот", следеле такви со музика за непознати филмови, живи албуми како оној од 1972 од концерт во Париз, како и најголемото изненадување - концепт албум посветен на Брус Ли! Насловите на песните весели и оптимистични, како „Сè е во ред со тебе, бејби", „Не биди луд, собери се" и „Врати се на училиште". Додуша имало и такви со помрачни содржини како „Мама дува" или „Драг стор".
Хадар почнал да ги извлекува плочите за да ја види нивната состојба. И на негово вчудоневидување сфатил дека воопшто не се работи за винили, туку за црно обоени картони, со лажни етикети и рачно цртани сликички. Така, Мингеринг Мајк од нему непознат музичар станал - фантом.
11 години откако Хадар успеал да го лоцира Мајк, уметничките дела поврзани со неговата огромна фиктивна музичка кариера (150 плочи) ќе бидат изложени во Музејот за американска уметност Смитсонијан во Вашингтон. Но дури и сега авторот не сака да дава изјави, а не се знае ниту неговото вистинско име.
Сепак, еден новинар на Гардијан, со помош на Хадар, успева да го наговори Мајк на средба. Тој има околу 60 години, и е толку срамежлив што никого не гледа во очи. Сепак ја раскажува неговата интересна приказна - кога имал пет години мајка му умрела од лупус. Татко му исчезнал, за потоа да излезе дека е во психијатриска болница, дијагностициран со шизофренија. Така, тој пораснал со сестра му. Во средношколските денови почнал да црта и да смислува хумористични приказни гледајќи го светот од неговиот прозорец. Така се родила корицата за „Седејќи крај прозорецот" и ликот на Мингеринг Мајк („мингеринг" - кованица од mingling и merging, дружење, шуткање и спојување)
Најпрвин цртал само корици, но роднините го наговориле да почне внатре да става и плоча, па тој додал дискови од картон, цртајќи врз нив задебелени линии на местата кадешто требало да почне новата песна. „Винилите" содржеле 38-43 минути музика, па врз основа на тоа проценувал колку долги би требало да бидат неговите измислени песни. Понекогаш снимал вистински песни на касетофон, како онаа онаа кога добил писмо за служење во Виетнам:
„Ако одам во војна можеби ќе умрам
Бакни си ги за збогум семејството и пријателите
Тие сакаат да бидам тука, силен и жив (а и јас исто така)"
Иако му било ветено дека наместо да се бори ќе свири во воениот оркестар, тој не поверувал на ова и едноставно дезертирал. Тоа му бил и најплодниот „музички" период, со 15 албуми и 20 синглови само во текот на 1972. Мајк станува неговото алтер-его - тој настапува на светски сцени, додека вистинскиот Мајк се крие уплашен од апсење. И така до 1977, кога претседателот Картер ги ослободил „дезертерите" од одговорност. Тогаш Мајк веќе можел да се вработи, а албумите ги складирал во магацин, кадешто останале со години. Во 2003, кога му требале пари, му ги дал како компензација на сопственикот на неговиот стан, којшто пак ги дал за продажба на пазарот близу затворот. Токму таму кадешто Хадар ги купил во 2003.
Токму Хадар помогнал и во промовирањето на Мајк како уметник. На форумот наречен Soul Strut ги претставил делата на Мајк, по што луѓето едноставно полуделе по нив. Му се јавиле од Њујорк Тајмс, а Дејвид Брн побрзал да ги откупи правата. Хадар сега е менаџер на Мајк и, меѓу другото, организатор на изложбата во Смитсонијан, којашто ќе се отвори на 27 февруари и ќе трае до 2 август.
„Никој не знае дека сум Мингеринг Мајк. Дури ни мојата девојка", рекол на крајот од интервјуто овој необичен лик, и едноставно заминал.