Мојот учител, Дејвид Фостер Валас

На осумгодишнината од смртта на Валас (12 септември 2008), авторот на книги за деца Мак Барнет се сеќава на неговиот строг но инспиративен професор по креативно пишување.

Малку ми е страв да пишувам за мојот професор, Дејвид Фостер Валас, затоа што тој ми беше многу важен, и не сакам да заебам. Ми беше страв и да ги слушам неговите предавања на колеџот Помона, заради истата причина. За да влезеш во групата имаше „аудиција“: студентите поднесуваа кратки раскази за да конкурираат за едно од 15-те места. Мислев дека ако ме одбие никогаш нема да станам писател. Затоа смислив план: да му се појавам во канцеларија, да се претставам во најдобро светло и да ги засенам другите кои се обидуваа да го запишат предметот.

Планот не помина баш најсјајно. Бев пренервозен за да оставам добар впечаток. Ја купив „Кратки интервјуа со одбивни мажи“ со ваучер што го добив за матурирањето, бидејќи мислев дека насловот е смешен (многу подоцна му го кажав ова на Валас, и во еден од неговите повремени напади на скромност карактеристична за средниот запад, тој се насмеа и рече: „Тоа беше навистина супер наслов“).

„Кратки интервјуа“ беше мојата прва средба со експериментална фикција. Ме извади од памет. На 18 години бев напувано детиште кое не било потресено од приказна од основно. Но кога сфатив дека овие бараат од мене реален напор, за кој ќе бидам награден, почнав да размислувам за фикцијата на нови начини. Всушност, на стари начини - кога бев дете, моите омилени приказни беа оние чудните и возбудливите и тешки за одгатнување, што некако одговараше, затоа што и светот често пати беше таков. Децата се идеални читатели на експериментална фикција, бидејќи самото детство е експериментално, додека тинејџерите се грозни читатели на истиот жанр, затоа што се занесуваат мислејќи дека сè им е јасно (возрасните се уште полоши). Но приказните на Валас ме направија да се чувствувам како да сум пак дете. Продолжив да ги купувам неговите книги.

И сега бев во неговата канцеларија. Го прашав дали има нешто што треба да знам пред да го поднесам текстот. Рече дека инструкциите во брошурата за курсот се јаасни (Беа. Сè што имаше напишано Валас беше такво - и сè што кажуваше, праќаше по мејл и сите описи на курсеви беа напишани во истиот прецизен стил како и неговата славна проза). Не бев подготвен да заминам по 90 секунди, па го прашав дали тој ќе ги оценува поднесените раскази. Омекна. Мислам дека му стана јасен целиот мој патетичен обид. Ми рече дека проценувањето на вредностите на овие кратки раскази е исто онолку егзактно како тие да се фрлат по скали и да се види кој прв ќе падне најдолу, но сепак предупреди: „Провери го коректорски“. И додаде: „Повеќе од еднаш“.

Валас беше опседнат со англискиот јазик, и тоа се отсликуваше во неговата настава. Секоја недела ни даваше лист со грешки забележани во нашите семинарски од претходната недела, што беше повод за јавно срамотење. Тој имаше свои причини за граматички догматизам во училницата, но тоа не го правеше за да биде Баба рога. Валас со право е сфатен како писател кој се занимава со морал - голем дел од неговите дела го истражуваат не само тоа што значи да си човек, туку што значи да си добар човек - но тој исто така беше многу етичен. Секогаш зборуваше за одговорностите на писателот: да биде јасен, да биде интересен. Бидејќи и самите негови дела можеа да бидат тешки, затоа што од читателот бараше да работи, сакаше да биде сигурен дека си го врши својот дел од задачата, дека го кажува точно она што има намера да го каже, на начин кој е разбирлив.

Првото нешто кое Валас ме праша тој прв ден кога му се појавив во канцеларија, беше зошто сакам да го запишам неговиот предмет. Кога му кажав дека сакам да пишувам книги за деца, се огради велејќи дека не знае ништо за овој жанр. Му реков дека не сакам да научам како да пишувам за деца, туку да научам да пишувам. Тој тоа и го стори, и тоа е нешто многу потешко отколку да составиш чиста и добро осмислена реченица. Тешко е како да водиш реален разговор. Бидејќи за да водиш таков разговор, треба да знаеш што ти е важно, и да смислиш начин како да направиш и на некој друг да му е гајле за истото. А сите знаеме колку е тоа застрашувачки.

Поврзано:

Прекрасните умови и нивните психички растројства

Антологискиот говор кој за малку немаше да се случи

13 септември 2016 - 14:52