По смртта на Џон Неш

Прекрасните умови и нивните психички растројства

Оскаровецот „Прекрасен ум“ раскажуваше за jaзот помеѓу генијалноста на еден познат математичар и неговата психичка состојба. Ова како да е судбина на голем број уметници и научници во историјата - некои од нив биле пациенти во истата болница кадешто се лечел и Неш.

Џон Форбс Неш Џуниор, математичарот кој доби еквивалент на Нобеловата награда во областа на економските науки во 1994, во саботата почина во автомобилска несреќа, на 86 години, заедно со неговата сопруга. Неговата животна приказна, која вклучуваше епизоди на параноидна шизофренија и халуцинации, беше тема најпрвин на книга под наслов „Прекрасен ум", а потоа и на истоимениот филм со Расел Кроу, кој освои неколку Оскари.

Но Неш секако не е единствениот генијален ум кој дел од животот минал во психијатриски установи. Всушност, токму низ истата во којашто бил дијагностициран во 1959, болницата МекЛин, во Белмонт Масачусетс, минале и голем број други научници, уметници и поети чии нервни сломови можеби придонеле кон квалитетот на нивното дело, но главно значеле и нивен трагичен крај. Еве некои од нив:

СИЛВИЈА ПЛАТ

Во 1953 Плат се скрила во куќата на мајка си и испила 40 апчиња за спиење. Следните три дена полицијата, семејството и непознати луѓе организирале потрага - откако ја нашле била примена во МекЛин, што е раскажано во нејзиниот единствен роман, најпрвин објавен под псевдоним, „Стакленото ѕвоно".

АН СЕКСТОН

Една од најпознатите американски поетеси, добитничка на Пулицеровата за поезија во 1967, во МекЛин најпрвин дошла како - учителка. Таа им кажала на пријателите дека сака да влезе во болницата „за да го искуси истото што и нејзините колеги-поети". Држела неделни поетски семинари во текот на 1968, а потоа станала професорка на Бостонскиот универзитет. Но по неколку години повторно се враќа во МекЛин, сега како пациентка. Жртва на депресија и мании, таа една година по нејзините прегледи во болницата врши самоубиство.

РЕЈ ЧАРЛС

Откако бил фатен со хероин во 1964, Чарлс морал да бира или да се јавува на прегледи во МекЛин секои шест месеци или да лежи затвор. Според неговите автобиографски кажувања во книгата „Братот Реј", во болницата не било толку лошо - имал медицинска сестра симпатија, а на општо задоволство во зградата имало и пијано, како и други музичари со кои oрганизирал заеднички свирки.

РОБЕРТ ЛОУВЕЛ

Уште еден славен американски поет и (овие наградиве ко да се некое проклетство) исто така добитник на Пулицер, и тоа на два пати. Престојувал во болницата четирикратно во тек на осум години, а нејзе ѝ ја посветил и песната Waking in the Blue.

ДЕЈВИД ФОСТЕР ВАЛАС

На 27 години, како веќе познат автор, Валас поминал еден месец во МекЛин заради депресија и дроги. Да, и овој книжевен гениј се самоуби во 2008, по долги години неуспешно лечење со антидепресиви и електро шокови.

СТИВЕН ТАЈЛЕР И МАРИЈАН ФЕЈТФУЛ

Уште двајца музичари кои биле примени во болницата во текот на нивните кариери за да се „отрезнат". Намерно ги оставивме за крај, бидејќи се уште живи и здрави.

25 мај 2015 - 10:29