Виолончелистката Беатрис Харисон кратко време претходно извела британска премиера на Концерт за чело од Фредерик Делиус, компониран специјално за неа. Но за овој пренос таа свирела во близина на нејзиниот дом во Окстед, Сари. Ова не било прв пат Харисон да вежба во градината и да биде придружувана од птиците. Кога сфатила дека ова се случува секогаш кога ќе засвирела, таа им предложила на луѓето од Би-би-си да дојдат со опрема и да ја снимат оваа необична соработка.
Основачот на радиото, лорд Џон Рејт, најпрвин бил против идејата, сметајќи дека птиците би се однесувале како примадони - би биле скапи и непредвидливи. Но Харисон сепак успеала да го убеди. Тонците направиле успешна проба, со сите компликации на вадење на тогашната опрема од студио и нејзино поставување на локација, што бил прв ваков случај во историјата на Би-би-си.
Харисон го свирела Елгар, Дворжак и „Дени Бој", ирска народна песна. Но птиците овој пат како за беља не се огласиле. Конечно, 15 минути пред крајот, славеите почнале да цвркотат.
Јавноста реагирала со воодушевување, па експериментот се повторил и следниот месец, како и секоја пролет во следните 12 години.
Харисон и славеите станале меѓународно познати, и таа добила 50,000 писма - некои од нив адресирани просто со „Госпоѓата Славеј". Лордот по ваквиот успех се предомислил и изјавил дека „славејот ја преплавил земјата со нешто блиску до емоционализам, романтичен гламур кој блеснал над прозаичноста на животот".
На 19 мај 1942, три години по почетокот на Втората светска војна, од Би-би-си се вратиле во истата градина за да ја снимат песната на славеите, овој пат без виолончело, но во исто време додека полетувале 197 бомбардери на РАФ на нивна мисија. Таквиот пренос можел да биде безбедносна закана и да им сигнализира на Германците што се случува, па затоа настанот не бил пренесуван во живо туку бил снимен на плоча. На А страната било регистрирано заминувањето на бомбардерите, а на Б нивното враќање, 11 помалку. Мешавината на злокобниот звук на авионите, и милиот глас на славеите и денес делува морничаво.