„Пред еден месец се шетав низ вашиот парк и украдов неколку парчиња дрво. Знаев, додека го правев тоа, дека крадам од иднината, бидејќи ако секој земе по нешто, како што тоа го сторив јас, нема да има веќе вакви скршени мали парчиња кои би светеле на сонцето. Имав намера да ги вратам порано, ама времето брзо минува.“
Писмово може да изгледа предраматично за некој што зел мали парчиња петрифицирано дрво, но тоа е само една од илјадниците белешки кои пристигнуваат во националниот парк Скаменета шума во Аризона секоја година.
Лоцирана во огромната Аризонска пустина, шумата се претпоставува дека датира од доцниот тријас, а ја посетуваат 600.000 посетители годишно. Голем дел од нив, и покрај бројните знаци кои предупредуваат дека тоа е нелегално, не можат да издржат да не стават нешто од паркот в џеб, за сувенир.
Но во неделите, месеците и години што следат, вината за крадење и поместување на древни природни артефакти кои не биле допрени со милениуми, кај некои од нив проработува. Понекогаш станува збор за суеверие, дека некоја несреќа во семејството е предизвикана токму од оваа кражба. Единствен начин човек да се ослободи од ваквата мисла е анонимно да го врати украденото, најчесто по пошта, и најчесто со придружен текст.
Сега серија од овие писма се собрани во книга од уметниците Рајан Томпсон и Фил Ор кои наишле на архивата додека работеле во пустината на сосема друг проект. Таа носи наслов „Тежок малер, жешки карпи: писма на совеста и фотографии од Скаменетата шума“, и нуди уникатен поглед во начинот на кој функционира човечката психа. Некои од луѓето што ги враќаат фосилите мислат дека тие ги проколнале, а други се срамат од постапката на свои блиски па го враќаат артефактот во нивно име (како писмо напишано со детски ракопис кое вели само „Жал ми е за татко ми“).
Вратените артефакти, откако еднаш се контаминирани односно извадени од своето првобитно лежиште, веќе не можат да се вратат во паркот, и се чуваат во посебен куп. Целта на книгата оттаму е подобро да го претстави овој феномен, за луѓето однапред да знаат дека „каменот си тежи на местото“ и да не го земаат, затоа што потоа тој може да им тежи и на совеста.