Познатиот економист Тајлер Коуен (автор на блогот Марџинал Револушн) и бизнисменот Даниел Грос, во нова книга под наслов „Талент: како да идентификуваш креативци и победници“, ја проучуваат уметноста и науката на забележувањето талент на највисоко ниво: луѓето кои имаат увид и иницијатива да трансформираат одредена организација и да ги направат сите околу нив подобри во она што го работат.
Авторите нè водат низ главните научни области кои се релевантни за оваа област, меѓу другото како да се спроведе интервју, колку да се земе предвид интелигенцијата, како да се процени карактерот и како да се спојат личните карактеристики со видот на работното место. Истовремено се дискутира разликата помеѓу интервјуирање мажи и жени и како да се препознаат специјални таленти кај луѓе со хендикеп (или наводна попреченост).
Идентификувањето на потценетите а вредни поединци е еден од наједноставните начини да се вбризга нова енергија во одредена организација и компанија. Од друга страна, книгата може да даде одговор на оние кои се прашуваат дали самите имаат некаков талент и што прават за да го развиваат (или обратно, дали прават сè за да го потиснат). Притоа, авторите поставуваат две прашања - „Кои табови ти се отворени во браузерот во моментов?“ (што би требало да ги рефлектира генералните интереси и вложување време и енергија во информирање и образование) и „што е еквивалент на музички скали кои ги вежбаш секој ден за да станеш подобар во она што го правиш?“ (па макар тоа било и секојдневно месење леб).
Системот кој форсира екстремни форми на амбиција и самоподобрување почнува да маргинализира грижа за што и да е друго. Креативноста знае да се појави на чудни места па Коуен и Грос ги советуваат работодавците да пуштат широка мрежа во океанот потенцијални кандидати и да овозможат услови за оние кои се талентирани но социјално неприлагодени, па дури и анти-социјални, да можат да работат од дома или на начин кој ним им одговара најмногу.
Ако има една критика која е упатена кон книгата, тоа е дека студија која се однесува на талентот всушност никаде експлицитно не го дефинира овој термин. „Ќе го познаете кога ќе го видите“, гласи едноставното упатство на авторите.
Види претходно од Тајлер Коуен